Вучиќ во ОН се заложи за Косово да се најде трајно решение 

Српскиот претседател Александар Вучиќ на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк денеска изјави дека нерешениот проблем со Косово го попречува економскиот раст не само на младите во Србија, туку и во регионот и оти мора да се постигне трајно решение, така што „ниту една страна нема да добие сè, ама ќе добие доволно.“

-Ние храбро и реално со верба започнавме да се бориме за трајно решение (за косовскиот проблем). Никој повеќе не сака решение од Србија, рече Вучиќ, обраќајќи се пред Генералното собрание на ООН.

Затоа очекуваме големите сили да ги разберат и да ги поддржат нашите аргументи, истакна Вучиќ, додавајќи дека тој не може да преговара со оние што велат „моето е мое, можеме да преговараме за тоа што е твое“.

Тој додаде дека Приштина направила еднострани чекори, како што е наметнувањето на царински давачки за српски производи, додека Србија умерено одговорила и не вовела контрамерки.

Вучиќ оцени дека присуството на УНМИК е неопходно затоа што со тоа се обезбедува безбедност за Србите кои живеат во Косово.

-Верувам дека договорот меѓу Србите и Албанците е од големо значење за стабилноста на Балканот, рече Вучиќ.

Тој напомена дека Србија гради автопат од Ниш до Приштина, железничка пруга за Унгарија, како и дека имал важни средби со премиерите на Северна Македонија и Албанија за тоа како да се соработува во регионот,  да се зајакне слободната трговија.

-Не треба никој да се плаши дека се прави нова идеја за Југославија или дека ова е изразување на хегемонија затоа што идејата доаѓа од Белград, кажа Вучиќ.

„Тоа не е замена за Европската унија, туку израз на нашата загриженост за регионот се додека не го завршиме овој важен процес на пристапување во Европската унија“, рече Вучиќ, потенцирајќи дека пристапувањето на Србија во Унијата е стратешка цел. Србија ги почитува сите членки на ООН, нивниот територијален интегритет и суверенитет, ние нема да бараме ништо што не е наше, рече Вучиќ, потенцирајќи дека Србија очекува исто ниво на однесување.

„Ние сме на патот кон ЕУ, имаме партнерство со западните земји, ја интензивираме соработката со САД и ние сме горди на нашата соработка со Русија и Кина“, рече Вучиќ.

На крајот на говорот, Вучиќ се обрати на српски јазик: „Балканот на балканските нации, да живее Србија“.