Вучиќ: Во регионот не сакаат Србија да ја зборува вистината (ВИДЕО)

Српскиот претседател Александар Вучиќ на Генералното собрание на Обединетите нации истакна дека против Србија „во дел од меѓународната јавност се води хибридна војна и валкана кампања“, илустрирајќи го тоа со оценките дека Србија е закана за регионалната стабилност и дека наводно ќе ги нападне соседите.

„Србија била и ќе бие фактор на стабилност во целиот регион“, порача Вучиќ во своето обраќање во ОН додавајќи дека Србија го поддржува Дејтонскиот мировен договор за БиХ, и покрај лагите кои можат да се слушнат.

Србија е окарактеризирана како фактор на дестабилизација во регионот само за да не ја зборува вистината – дека принципот на неповредливост на границите мора подеднакво да важи за сите, кажа српскиот претседател.

„Неправдата направена каде било е закана за правдата и опомена за сите“, кажа Вучиќ и истакна дека Белград не се откажува од принципот на неповредливост на границите.

Оцени дека годинешната дебата во Њујорк се одвива „во услови на нарушен светски мир во размери кои не се видени од Втората светска војна и основањето на Обединетите нации“.

Србија, истакна Вучиќ, го почитува интегритетот на Украина, по политиката на санкции воведени на Руската Федерација, според него, „никому не може да му донесе добри резултати“.

Истакна дека од ниеден од соговорниците не слушнал „рационален одговор на прашањето во што е разликата меѓу суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија кој е грубо нарушен во случајот на Косово“.

Тоа што по завршувањето на оружениот конфликт беше потпишан договор со НАТО, чии одредби предвидуваа донесување на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, не спречи многу држави од Западот со признавање на еднострано прогласената независност на Косово повторно да го згазат територијалниот интегритет на Србија, кажа Вучиќ.

Порача дека Белград ќе ги продолжи разговорите со Приштина под покровителство на Европската Унија бидејќи е „подобро сто години да се преговара отколку еден ден да се војува“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.