Вучиќ за апсењето на Путин: Не ги апсев ниту тие што ги бараше Хаг

Српскиот претседател Александар Вучиќ во врска со налогот за апсење на рускиот претседател Владимир Путин за воени злосторства издаден од Меѓународниот кривичен суд изјави дека смета дека тоа е одлука која ќе има лоши политички последици.

„Моето прашање е „сега го обвинивте за најголемите воени злосторства, со кого ќе разговарате сега“, им рече Вучиќ на новинарите во Претседателството, каде што и се обрати на нацијата по повод вчерашната рунда разговори меѓу Белград и Приштина, во која двете страни го прифатија Анекс договорот за нормализација на меѓусебните односи.

Тој праша дали Западот го чека поразот на Путин и колку долго ќе чека.

„Дали навистина мислите дека е можно да се победи Русија за еден месец, три месеци или една година“, додаде тој.

Тој рече дека „нема сомнеж дека целта на тие што го направиле ова е да му ја отежнат комуникацијата на Путин, за секој што разговара со него да биде свесен дека е обвинет за воени злосторства.

На прашањето што би направила Србија како потписничка на Римскиот статут, со кој е основан Меѓународниот кривичен суд, во случај Путин да дојде во Србија, односно дали ќе го уапси и екстрадира, тој рече дека тоа е „бесмислено прашање, бидејќи „Јасно е дека Путин нема каде да оди се додека траат конфликтите“.

Тој додаде дека не ги ни уапсил оние кои биле побарани од ад хок трибуналот, „што не е Меѓународниот кривичен суд“.