Вучиќ побара извинување од Дуња Мијатовиќ

Претседателот на Владата на Србија, Александар Вучиќ побара денеска од претставничката на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОЕБС) за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ да се извини, поради наводите за цензура во Србија.

Тој, во писмо до Мијатовиќ кое е проследено и до Танјуг, изрази длабока загриженост поради тешките зборови кои на сметка на Србија, ги упати претставничката на ОЕБС, и нагласи дека е приморан лично да ги провери наводите во нејзниото соопштение.

Вучиќ укажа на тоа дека не е вообичаено премиерот на една земја да одговара официјално, во пишана форма на едно единствено пишано соопштение. Но како што вели, тоа го прави бидејќи верува дека Мијатовиж е излажана, па затоа не сака да помисли дека позади невистините кои во соопштението се изнесени против Србија, се крие некоја друга политичка намера.

„Имено, ве замолив да ме известите само за една работа, а тоа е да ми приложите и најмал доказ кој ќе потврди дека Владата на Србија ги онеспособува сајтовите „Друга страна“, „Телепромптер“ или пак сме отстраниле било кој блог од веб страницата на дневниот весник „Блиц“.Се разбира, нема ниту еден доказ за тоа,“ напиша Вучиќ и понатаму продолжува:

„Не сакам да верувам, госпоѓо Мијатовиќ дека информациите сте ги собрале на најбезобразен возможен начин, од еден од сајтовите кој вообичено води валкана кампања против својата Влада. Не сакам да поверувам дека тоа сте го направиле поради тоа што тие лажни информации ви ги давале претставниците на т.н независни институции во Србија, а вие не сте ги провериле. Исто така не сакам да верувам дека ова сте го направиле поради тоа што постои потреба од дисциплинирање на српските лидери и гушење на секоја идеја за слободно и суверено реагирање на државата Србија во нејзиното надворешно-политичко дејствување.“

Вучиќ ја запраша Мијатовиќ зошто не ги прашала сопствениците и уредниците на „Блиц“ и дали Владата на Србија нешто тргнала од нивниот сајт, додавајќи дека за останатите сајтови ниту таа, ниту тој никогаш не слушнале, ниту некој друг во Србија ги интересира.

„Од вас, почитувана госпоѓо од ОЕБС после сите невистини изнесени за Србија, очекувам едно обично извинување, ништо повеќе. Без разлика дали ќе го добиеме или не тоа извинување, сакам да ве известам дека на секое место ќе се борам против лагите кои ги изнесувате, ќе се борам за слободата и правото на политички избор како темелни европски вредности по цена да продолжите со највалканата кампања која ја водите против мене, како во Србија така и во странство,“ изјави Вучиќ.

Тој додаде дека колку кампањата да е силна и невистинита, не може да промени една чиста и јасна работа како солза, а тоа е дека Србија е слободна и демократска земја.