Вучиќ најави воведување доживотни затворски казни

Претседателот на Србија , Александар Вучиќ најави денеска заострување на санкциите за кривични дела и воведување доживотна казна затвор за најтешките дела.

На прес конференција по седницата на Советот за национална безбедност , тој изјави дека очекува од ЕУ поддршка за заострување на домашната казнена политика со оценка дека ,,доколку Германија може да има доживотна казна затвор , зошто не би имала Србија”.

Вучиќ најави дека ќе бидат зголемени минималните и максималните казни , а и дека државата се определила за драстично повисоки казни за дела на насилно однесување , како и воведување доживотна казна затвор за најтешките дела како што се семејно насилство , силувања , педофилија или убиство на дете.

Кампањата за доживотен затвор веќе две години ја води фондацијата на Тијана Јуриќ , со која раководи нејзиниот татко Игор , откако во 2014 исчезна неговата 15 годишна ќерка , која по 12 дена беше најдена мртва на депонија.