Вучиќ: Односите тешко дека ќе бидат на највисоко ниво, туку пристојни

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави вечерва дека нема никаква причина за голема загриженост поради кризата во односите меѓу Белград и Скопје, но истакна дека српската Влада „мора да ја заштити државата и образот на Србија“.

– Секако, работите меѓу Македонија и Србија ќе тргнат во подобар правец, порача Вучиќ во гостувањето во централниот Дневник на РТС.

Тој посочи дека Македонците и Србите се два блиски и пријателски народа, односно, како што рече, „најблиски во регионот“.

– Србите и Македонците се многу блиски народи, неповрзано со тоа какви им се властите, и уверен сум дека во понатамошните разговори, меѓу раководствата на Македонија и Србија, ќе постигнеме успех и ќе најдеме решение, бидејќи не постојат два поблиски народа, заклучи Вучиќ и додаде дека „секогаш е подобро кога работите ќе станат отворени, бидејќи тогаш полесно се решаваат“.

Коментирајќи ја изјавата на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров дека Владата во Скопје ниту наредила ниту имала намера да врши разузнавачки активности проитв Србија или која било друга земја, Вучиќ рече дека „знаат што е правено, дека тоа е правено на многу повисоко ниво и оти тоа не им се прави на пријателите“.

Негира дека причината за зострувањето на односите е ставот на Македонија за приемот на Косово во УНЕСКО, а ги отфрли и тврдењата за наводни завери со Русија. Вучиќ рече дека е уверен оти Македонија ќе гласа за прием на Косово во УНЕСКО и оти тоа е јасна одлука на македонска Влада, иако тоа јаво се избегнува да се каже.

– Знаеме се што правите, ве молиме, немојте, иако го признавте Косово, иако ќе гласате за прием на Косово во УНЕСКО, ние ништо лошо не ви посакуваме, изјави Вучиќ.

Според него, се што се случува во врска со односот на Македонија и Србија е обид да се создаде една „поголема политичка приказна“ и во неа да биде вовлечен Белград, што тој, потенцираше српскиот претседател, „нема да го дозволи“.

Најави дека за некој ден ќе биде вратен персоналот во амбасадата во Скопје и оти работите ќе се нормализираат. Вучиќ рече дека не очекува односите да бидат на највисоко ниво, туку, како што наведе, пристојни.

Потврди дека утре телефонски ќе разговара со македонскиот премиер Зоран Заев за актуелната состојба и за можностите за идна соработка.

Потсети и дека Србија ја признала Македонија под уставното име, спротивно на волјата на ЕУ, што го покакажува пријателството на Србија кон Македонија.

– Луѓето не треба да се грижат, ќе има мир и стабилност, порача Вучиќ, во гостувањето во Дневникот на РТС.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во изјавата за РТС прв пат изнесе и детали во врска со присуството на припадникот на Безбедносно-информативната агенција на Србија (БИА) Горан Живаљевиќ за време на немирите и насилствата во мекедонското Собрание.

Вучиќ објасни дека Живаљевиќ не заминал во Собрание на „своја така“ и без знаење на тогашните македонски власти.

– Живаљевиќ ги прашал нависоките претставници на извршната власт во Македонија дали да биде таму, и тие се согласиле со тоа и биле претходни запознаени со неговото присуство. А тоа, потоа е искористено за кампања против Србија, наведе српскиот претседател.

Вучиќ рече дека потоа во Брдо кај Крањ, бил замолен Живаљевиќ да биде повлечен од Македонија, како што и е направено, но потоа повторно, за тој чекор, почнале да му зборуваат на Белград дека Србија е виновна за нешто штом го повлекла тој човек.

Тој сите последователни случувања ги објасни како „обид да се создаде една голема политичка приказна, во која се обидуваат да ја вовлечат Србија“.