Вучиќ повтори дека Србија останува неутрална, но сака соработка со НАТО

Србија останува воено неутрална, но нема да ѝ пречи и натаму добро да соработува со НАТО, изјави во понеделникот српскиот претседател Александар Вучиќ отворајќи ја со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, меѓународната воена вежба на спасување во вонредни ситуации.

„Србија е воено неутрална и љубоморно тоа ќе го чува, но добро соработува и ќе соработува со НАТО“, изјави Вучиќ на отворањето на воената вежба „Србија 2018“ во Младеновац, крај Белград. Додаде дека неговата земја тоа го сака „без оглед на болните сеќавања“, алудирајќи на едностраните четиримесечни воздушни удари на НАТО во 1999 година врз тогашната СР Југославија.

Столтенберг, од своја страна, пак, истакна дека во Младеновац не станува збор за „воена, туку за вежба за цивилна подготвеност“ и „платформа за оние коишто први реагираат“.

Според него, вежбата ќе послужи едните од другите да научат за заеднички да ги стекнат вистинските искуства и подобро да се подготват за времињата во коишто се соочуваме со вистинските животни вонредни ситуациии. „Таа е голем пример како партнерството со НАТО може да донесе конкретни ползи за Србија, НАТО и за целиот регион“, оцени генералниот секретар на Алијансата.

Вежбата, во којашто учествуваат две илјади луѓе од 38 земји, ќе се одржуваат до 11-ти октомври во белградските приградски општини Малденовац и Сопот, како и во Аранѓеловац во Шумадија. Таа е во организација на Министерството за внатрешни работи на Србија и Евроатлантскиот координациски центар за вонредни ситуации при НАТО.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.