Вучиќ: Србија е подготвена за компромисно решение за Косово

Србија е подготвена на компромис за Косово, но ако некој мисли дека таа би дала сè, без да добие ништо за возврат, жестоко се лаже.

Оваа порака ја упати српскиот претседател Александар Вучиќ од Виена, каде разговараше со австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Австрија од 1-ви јули го презема ротирачкото претседателство на Европската унија од Бугарија. И европската интеграција на Западен Балкан е исто така приоритет. Дел од преговарачките поглавја за идното членство на Србија е нормализација на односите со косовските Албанци.

„На крајот, граѓаните на Србија ќе одлучуваат по ова прашање. Без разлика дали сум претседател на Србија, сакам да се однесувам како сите други и да забијам главата во земја како ној. И да се каже – нема проблем, ќе чекаме уште 200 години, а вашите деца и внуци ќе ги доживеат истите болки како ние, нашите татковци и баби и дедовци. Или сте подготвени да направите нешто што би било компромис и за Србите и за Албанците. Подготвен сум да се обидам, знаејќи дека ќе морам да платам со тоа, што ќе ја изгубам власта“, вели српскиот претседател.

Александар Вучиќ додаде дека и на властите во Приштина им е јасно дека мора да направат нешто за да добијат нешто и косовските Срби.
Вчера претседателот на Косово, Хашим Тачи даде интервју за Франс прес, во кое изрази надеж за историски договор меѓу Приштина и Белград уште во текот на оваа година. По 15 дена косовските Албанци ќе прослават 10-годишнината од едностраното прогласување на независноста на нивната земја. Но, за Србија, Косово останува дел од неа.

Тачи изрази надеж дека очекуваната стратегија на Европската комисија за проширување на сојузот со земјите од Западен Балкан следната недела ќе биде оптимистичка и конкретна.

„ЕУ многу задоцни со Косово и со Западен Балкан“, вели Хашим Тачи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.