Вулин до Хрватска: Не грижете се, нема да ве нападнеме, но не се заканувајте на Србите, „Олуја“ нема да се повтори

68

Министерот за одбрана на Србија Александар Вулин денес оцени дека проблем со вооружувањето на Србија може да има само некој што не ѝ мисли добро на Србија, бидејќи оружјето никогаш нема да биде злоупотребено.

„Ние се бориме за мир, живееме за мир, дали Србија ќе ја нападне Хрватска – нема. Слободно, што е до мене, нека трошат за социјални давачки, болници, патишта… немаат потреба да купуваат оружје. Немаат против кого да го употребат. Со Србија нема, а претпоставувам ни дека меѓу себе нема да војуваат“, рече Вулин.

Од друга страна, тој истакна дека Србија би можела да се праша зошто се вооружуваат земјите кои се членки на најголемиот воен пакт.

Вулин потсети дека Србија е воено неутрална и дека мора да биде спремна да ги брани своите народ и суверенитет.

Вулин изјави и дека „Олуја“ кон Србите нема никогаш повеќе да се повтори, додавајќи дека „никој за тоа не треба да сонува“.

„Ако во Хрватска ја подготвуваат за некој друг, тоа е веќе нивен проблем. Но на Србите немојте да им се заканувате”, рече Вулин, коментирајќи го обраќањето на хрватскиот министер за одбрана, Дамир Крстичевиќ на приемот за воените команданти на Книн, по повод 24-годишнината од операцијата „Олуја“, во кое тој рече дека хрватската армија е подготвена за нова „Олуја”.

Вулин нагласи дека „не постои земја во светот којашто се радува на протерувањето на своите државјани и не постои земја во Европа што сè уште се придржува кон фашистичката идеологија и практика како што тоа го прави Хрватска“, соопшти Министерството за одбрана.

„Злосторничката „Олуја“ можат да ја слават само оние на кои им е нормално да положат венци на гробовите на усташите и на кои им е нормално да не се почитува Уставниот суд. Србија не сака ниту една педа од Хрватска, а се помалку го сакаат тоа и Хрватите кои масовно ја напуштаат“, рече Вулин.

Српскиот министер коментирајќи ги нападите врз Русија потсети дека Србија не сакала да биде дел од хистеријата околу воведувањето на санкциите против Москва и дека на многумина им пречи „храброста на претседателот на Србија Александар Вучиќ“.

„Им пречи кога има лидер на мала земја да каже толку големо нешто кое го мисли мнозинството во Европа но не може да го каже, затоа е потрбно сето тоа да се урне одвнатре. Потребно е да се најде нешто кој ќе каже нешто што не би го кажал ни Шиптар во Приштина“, кажа Вулин.

Според него, било потребно да се најде некој што ќе ги обвини Русите за тоа што во Приштина нема Срби, да каже дека не се виновни ни Тачи ни Весељи.

Српскиот министер за одбрана потсети на значењето на поддршката која Србија на сите полиња ги добива од Русија и додаде дека формирањето на косовска војска – паравоената формација, е најголемата безбедносна закана бидејќи се вооружуваат воени злосторници.

Вулин истакна дека за злосторствата над Србите никој не одговарал, дека голем број меѓународни функционери дури откако ќе им истече мандатот одат дома и почнуваат да ја зборуваат вистината.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.