Вулин: Рама нека се извини за „Жолтата куќа и поддршката на убијците од ОВК“

Српскиот министер за одбрана Александар Вулин изјави денеска, по повод вербалната нота која министерството за надворешни работи на Албанија ја испрати до Србија заради неговите навреди кон Албанците, дека албанскиот премиер Еди Рама треба да се извини за „Жолтата куќа и поддршката на убијците од ОВК“, па потоа да ја „лекува повредената суета“, пренесува Бета.рс.

Вулин во соопштение рекол дека премиерот на Албанија го повикал министерството за надворешни работи на помош кога останал без аргументи за расправија, и дека тоа не е „ништо ново, бидејќи така било низ историјата се до НАТО агресиите, секогаш некој бара помош против Србите“.

Министерството за надворешни работи на Албанија го покани српскиот амбасадор во Тирана за да му предаде вербална нота, по изјавата на Вулин во која Албанците ги нарекува „шиптари“, игнорирајќи ја пресудата на судот во Србија според кој тој термин е „политички некоректен и навредлив“.