WP: Се разгорува расколот меѓу Зеленски и градоначалниците на големите градови

Со продолжување на војнава, во Украина повторно се разгоруваат старите политички поделби, сега меѓу централните власти олицетворени во претседателот Владимир Зеленски и регионалните власти, особено со многу влијателните градоначалници на големите градови, пишува американскиот весник The Washington Post.

Во написот се вели дека со почетокот на руската инвазија се случи одредена хомогенизација и надминување на длабоките поделби во украинското општество зафатено од политички судри, голема корупција и надворешни, во прв ред руско влијание. Меѓутоа, како што војната продолжува и влегува во шестиот месец, со милијардите долари кои пристигнуваат како помош, почнуваат да се јавуваат пукнатини и поранешните нетрпеливости меѓу централната власт и моќните и влијателни локални челници кои се обидуваат да ги бранат или обноват своите разрушени градови, пишува WP.

Градоначалници и политички аналитичари  за The Washington Post изјавиле дека се чини оти владата на Зеленски се обидува во втор план да ги стави градоначалниците и да ја задржи контролата врз помошта за закрепнување, како и да ги ослаби позициите на неговите идни политички ривали.

Неколку градоначалниците, се додава во написот, рекле дека расте загриженоста дека администрацијата на Зеленски се повлекува од ветувањата и плановите да ги отстрани и последните траги од советската ера со децентрализација на власта и со давање пошироки овластувања на регионалните и локални власти. Регионалните политичари се незадоволни и до создавањето воени администрации, чиишто овластувања значително ги надминуваат оние на цивилните власти.

„Автократски тенденции почнуваат да се развиваат во Украина“, рекол Борис Филатов, 50-годишниот влијателен градоначалник на Днипро, во југоисточна Украина, град кој стана клучен за снабдување со оружје и логистика на источниот фронт. „Тие се обидуваат да доминираат на политички план… меѓутоа, ние не сме противници“, додава Филатов.

Посочил дека градоначалниците биле на првата линија на одбраната на градовите и дека сакаат поголема контрола над процесите на обновување на нивните заедници. Филатов, како и другите, ја критикувал владата на Зеленски но истовремено предупредил на зголемување на внатрешните поделби во текот на војната против Русија, и додале дека Западот мора да продолжи да ја поддржува одбраната на суверенитетот на Украина.

Филатов, кој е резибран во 2020 година со големо мнозинство, и во минатото се судрувал со Зеленски. Неодамна наводно владата на Зеленски се заканила дека ќе му го одземе украинското државјанство на еден олигарх близок на Филатов, бидејќи Украина забранува двојни државјанства. Уште еден олигарх и многу близок човек од доверба на градоначалникот на Днипро, исто така, со двојно државјанство рекол дека минатиот месец му било забрането враќањето во земјата по патување во странство.

„Ова е опасна стрмнина“, вели за весникот Орисија Луцевич, научен соработник во одделот за Русија и Евроазија при лондонскиот тинк-тенк Chatham House. „За Украина да победи во оваа војна, треба да се потхрани идејата дека градоначалниците не се конкуренција, туку се гледаат како дел од тимот… каде постои централна команда во време на војна, додека истовремено локалните власти можат да ги решаваат проблемите според нивните потреби“, додава.

Несогласувањата со локалните политичари доаѓаат откако Зеленски минатиот месец направи ненадејни и изненадувачки промени во својот кабинет, отстранувајќи го шефот на украинските безбедносни служби и главната државна обвинителка, најавувајќи голема истрага за „предавство и колаборационизам“ во нивните сектори.

Покрај тоа, неодамна западните медиуми пишуваа и за внатрешни тензии во Службата за безбедност на Украина (СБУ – разузнавање) и поделби на оние кои се залагале за „чистото на редовите на службата“ поради што некои нејзини припадници преминале на териториите кои ги контролираат проруските сепаратисти и руските единици, и кои сега се обвинети за загуба на тајните архиви и преминување на страната на Москва.