WSJ: Гуаидо се прогласи претседател по сигналот од САД

Спикерот на венецуелскиот парламент и од скоро лидер на тамошната опозиција Хуан Гуаидо се прогласи за привремен претседател на земјата по телефонски повик од потпретседателот на САД, Мајкл Пенс, кој го уверил дека ја има поддршката од Вашингтон, објави во петокот американскиот весник The Wall Street Journal.

Според тврдењето на неговите соговорници, „ноќта пред лидерот на опозицијата да се прогласи за вршител на должноста претседател на земјата, нему му се јавил потпретседателот Мајкл Пенс“. Како што се истакнува во текстот на WSJ, „Пенс ветил дека САД ќе го поддржат (Гуаидо), доколку ја преземе контролата над владата од Николас Мадурио, посочувајќи на една од одредбите во уставот на оваа јужноамериканска земја“.

Во написот се наведува и дека „овој повик доцна ноќта довел до покренување на планот кој бил разработуван во тајност претходните неколку седмици“. Се наведува и оти според планот, се предвидува признавање од страна на Вашингтон и неговите сојузници на Гуаидо како привремен претседател на државата. Како што се истакнува во текстот, претходно биле одржувани „разговори меѓу официјални американски претставници, со сојузниците, пратеници и клучните претставници на венецуелската опозиција, вклучително и самиот Гуаидо“.

Притоа, како што се наведува во текстот на WSJ, неколку американски претставници искажале стравување дека овој план може да доведе до нестабилност и да ја загрози безбедноста на американските дипломати во Каракас.

Соговорниците на весникот, исто така, велат дека претседателот Доналд Трамп од почетокот на својот мандат изјавувал дека ја смета Венецуела за еден од приоритетите на американската надворешна политика, покрај Иран и Северна Кореја.

Изворите на WSJ велат дека разработувањето на планот во врска со Венецуела започнало веднаш по победата на Николас Мадуро, кој на изборите во мај го освои вториот претседателски мандат. „Кон крајот на декември и почетокот на јануари, тие (американската страна) започнаа контакти со опозицијата“, рекол соговорникот за кој весникот наведува дека е дел од администрацијата во Вашингтон. „Опозицијата тогаш била на мислењето дека ѝ е потребна меѓународна поддршка, за да влијае врз развојот на политичката ситуација во Венецуела, и тоа им го кажале на официјалните претставници на САД“, се наведува натаму во текстот.

WSJ потенцира дека американските законодавци од двете партии во декември го поддржале планот на администрацијата на претседателот. Во текот на зимската пауза поради празниците, државниот секретар Мајк Помпео се сретнал со претставници на земјите сојузници на Вашингтон со кои дискутирал за ситуацијата во Венецуела. На 2-ри јануари тој се сретнал со бразилскиот и со колумбискиот колега, се прецизира во написот. Покрај тоа, на средбата со колумбискиот претседател Иван Дуке, Помпео наводни навестил кои се намерите на САД во врска со Венецуела.

Помпео на 10-ти јануари, денот кога Мадуро ја положи свечената обврска на претседателската должност, разговарал со Гуаидо и му ветил „тесна соработка на патот на демократската иднина на Венецуела“. Веќе на 15-ти јануари, претставници на американската админстрација преземале чекори за координирање на реализацијата на планост со сојузниците, како и со самиот Гуаидо. Помпео имал посебен разговор со канадскиот министер за надворешни работи, Криси Фриленд, а потоа му се јавил на Гуаидо и го уверул во поддршката од САД.

Во текстот на WSJ се наведува дека САД моментално внимателно ги следат случувањата во Венецуела. Американските челници особено се надеваат дека дел од војската ќе ја поддржи опозицијата. Американската администрација, исто така, се обидува да стапи во контакти и со претставниците на венецуелскиот бизнис сектор. Покрај тоа, Вашингтон презема мерки за да обезбеди само Гуаидо да има право да располага со средствата на Венецуела кои се чуваат во американските банки, се додава во написот на The Wall Street Journal.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.