Изминативе 10 години над 2,6 милијарди евра странски инвестиции
Износот на странските инвестиции во десетгодишниот период достигнал 2,6 милијарди евра. За споредба, во 13 –годишниот период пред тоа, странските инвестиции достигнале 1,3 милијарди евра. За ова во рамки на отчетот на владејачката партија информира заменик претседателот во Владата Владимир Пешевски.
Оваа Влада носела два и пол пати повеќе инвестиции на годишно ниво од кога било претходно и тоа во услови на светска, економска и политичка криза, рече тој.
Странските инвестиции се важни, не само заради тоа што отвораат нови работни места, туку не учат и на нови работи и на нови технологии. Важно е да ги привлечеме бидејќи тие знаења кои ќе ги стекнат вработените, ги пренесуваат и во домашните компании, рече Пешевски.
Информира дека има вкупно 49 гринфилд инвестиции кои се донесени, како и стотици помали.
Плановите кои самите компании ги имаат објавено покажуваат дека за наредните три години вкупно кај нив ќе бидат отворени уште толку нови работни места колку што веќе имаат вработени. Ќе се дуплира бројот на вработени кај овие компании, а покрај тоа ќе се креираат уште најмалку толку работни места кај домашните компании кои соработуваат со нив. Тоа е ефектот што го баравме и еве постепено сега го гледаме. Жителите на Македонија можат да видат, ние само во последните две години имаме најавено инвестиции по цела територија. Водиме сметка за цела Македонија, рече Пешевски.
До крајот на годинава уште 1.800 вработувања во ТИРЗ
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо на отчетот истакна дека само во зоните има 23 компании кои работат активно или ја реализираат својата инвестиција и оти таму во моментов имаат креирано 5.300 работни места.
До крајот на годината нивниот план е да додадат уште дополнителни 1.800 работни места, што значи дека оваа бројка ќе биде 7.100 луѓе во зоните, само од оние компании кои во моментов се таму присутни. Но, во моментот кога овие компании ќе стигнат до оптималната вредност на нивните бизнис планови ќе бидат вкупно креирани над 16.500 работни места само од овие 23 компании, истакна Мизо.
Покрај директните вработувања, странските инвестиции ги поттикнаа и вработувањата и ангажманот во домашните компании, а од извоз од 4,5 милијарди евра годишен извоз 1,5 милијарда се од зоните.