За 17 минути распродадени билетите за дербито Еурофарм Пелистер – Вардар 1961

Сите влезници за саботното ракометно дерби во Битола меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар 1961, кое најверојатно ќе биде решавачко во битката за титулата, се распродадени само 17 минути откако попладнево беа пуштени во продажба, соопштија организаторите.

– Спортската сала „Боро Чурлевски“ се распродаде за 17 минути, соопшти македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер, информирајќи дека натпреварот закажан за в сабота со почеток во 19 часот, ќе се игра пред полни трибини.

Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер се израмнети на табелата со по 31 бодови, пред Алкалоид, кој има шест бодови помалку.

Актуелниот шампион Вардар 1961 триумфираше на првиот натпревар во Скопје, кој го одбележаа инциденти на трибините, со 31-24.