За „1917“ Златен глобус за најдобра драма, „Беше еднаш во Холивуд“ најдобра комедија

Филмот за првата светска војна „1917“ и „Беше еднаш во Холивуд“ ги освоија наградите Златен глобус во категории драма односно комедија, на свеченото доделување ноќта кон понеделникот на Беверли Хилс.

Филмот на режисерот Сем Мендез „1917“ наградата на Асоцијацијата на странските новинари акредитирани во Холивуд ја освои во конкуренцијата на семејната драма „Брачни приказни“ на Ноа Баумбах, „Ирецот“ на Мартин Скорезе, „Џокер“ на Тод Филипс и „Двајца папи“ на Фернандо Меирелиш. Британскиот режисер Мендез, исто така, ја доби и наградата за најдобра режија.

Носталгичниот, пак, „Беше еднаш во Холивуд“ ја освој наградата како најдобра комедија со уште две значајни награди – Златен глобус за најдобро сценарио кој му припадна на Квентин Тарантино и Златен глобус за најдобар спореден актер – на Бред Пит. За него ова беше седма номинација и втор Златен глобус. Најдобра споредна актерка, пак, е Лора Дерн за улогата во „Брачни приказни“.

Најголем губитник на церемонијата којашто од Лос Анџелес директно ја пренесуваше телевизиската мрежа NBC, беше „Ирецот“ на Мартин Скорезе, кој имаше пет номинации, но не освои ниеден Златен глобус.

Најдобра актерка во драма беше Рене Зелвегер која го толкува ликот на легендарната Џуди Гарланд во истоимениот филм, додека Хоаикн Феникс ја освои наградата во категоријата најдобар актер за улогата на Џокер, исто така, во истоимениот филм.

Во категоријата комедија или мјузикл, најдобра актерка е прогласена рап- пејачката Awkwafina за улогата во филмот „The Farewell“ (или најавуван како Збогум), додека најдобар актер во истата категорија комедија/мјузикл е Терон Еџертон за улогата во филмот „Рокетмен“.

Златен глобус во категоријата Најдобар филм на странски јазик го освои „Паразит“ на јужнокорејскиот режисер Пон Чин Хо.

Најдобра куса телевизиска серија или филм е прогласен серијалот за нуклеарната катастрофа „Чернобил“ на телевизискиот канал BBC.

Анимираниот филм на студиот „Laika“ – „Загубеното ѕвоно“ беше награден со Златниот глобус во оваа категорија.

Наградата за животно дело му припадна на добитникот на два Оскара и четири Златни глобуси, Том Хенкс, за големите достигнувања во светот на филмот, во кој е познат и како филмски продуцент, а не само како актер за што е наградуван.

Во другите категории Златен глобус добија: за Најдобра оригинална песна „(I’m Gonna) Love Me Again“, на Елтон Џон и Берни Топин во „Рокетмен“. Победник во категоријата Најдобра музика за филм му припадна на композиторит Хилдур Гиднадотир, за филмот „Џокер“.

Најдобра телвизиска серија е „Наследство“ на HBO, а Најдобар актерк во драмска серија е Брајан Кокс во истата серија, а најдобра актерка во оваа категорија е Оливија Колман.

Најдобра телевизиска серија во жанровите комедија или мјузикл е „Флебег“, а во овој жанр најдобар актер е Рами Јусеф во „Рами“ а актерка Фиби Волер-Бриџ во „Флебег“.

Престижната награда Златен глобус, која се рангира веднаш зад Оскарот, се доделува во 25 категори во конематографијата и телевизијата, а годинава по рекорден петти пат свеченоста на врачувањето на признанијата ја водеше британскиот комичар Рики Џервејс.