За 20.699 деветтооделенци обезбедени се 35.690 места во јавните средни училишта

Денеска тече вториот ден од првото пријавување за запишување ученици во прва година средно образование во учебната 2019/2020 година, јунскиот уписен рок.

Ранг-листите со резултатите од запишувањето и слободните места од ова прво пријавување ќе бидат објавени утре, на 19 јуни.

Второто пријавување и запишување на учениците е на 24 и 25 јуни, а третото на 1 јули.

Според конкурсот на Министерството за образование и наука, обезбедени се 35.690 ученички места, од кои 24.581 на македонски наставен јазик, 10.123 на албански наставен јазик, 952 на турски наставен јазик и 34 на српски наставен јазик.

Во Македонија, пак, како што е објавено на страната на МОН, во учебната 2017/2018 година во деветто одделение биле запишани вкупно 20.699 ученици. И за целосен опфат на сите ученици, со Конкурсот за запишување на ученици во јавните средни училишта се обезбедени доволен број на слободни места и тоа: 24 915 на македонски наставен јазик, 10 020 на албански, 952 на турски наставен јазик и 34 на српски наставен јазик, односно вкупно 35. 921 ученички места во сите јавни средни училишта.

За гимназиско образование предвидени се 10.713 слободни места. За стручно образование слободни се 18.365 места, за стручно образование со тригодишно траење 5.490, а за стручно образование во двегодишно траење има 408 места.

МОН најави дека од учебната 2019/2020 година во сите средни стручни училишта ќе започнат да се реализираат новите наставни планови и 1.040 модуларно дизајнирани наставни програми за стручно образование, со четиригодишно траење. Тие предвидуваат воведување на учењето преку работа во трета и четврта година како интегрален дел во системот на техничко образование и зголемување на учеството на практичната настава и вежби за учениците.

Според МОН, најмногу слободни места се нудат во скопските гимназии, за кои повеќе години наназад постои најголем интерес кај младите. Со најголем број на паралелки се „Зеф Љуш Марку“, со 544 места и 16 паралелки за ученици и „Кочо Рацин“ каде се нудат 476 места за ученици и 14 паралелки, а трета по бројност на места за упис е гимназијата „Јосип Броз Тито“ каде има 408 слободни места со 9 паралелки. Во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ со конкурсот се нудат 262 места со 8 паралелки, во „Никола Карев“ 272 со 8 паралелки, а во „Орце Николов“ 285 места со 9 паралелки. Во гимназијата „Георги Димитров“ се слободни за упис 238 места во 7 гимназиски паралелки.

Во средното економско – правно училиште „Васил Антевски Дрен“ во прва година можат да се запишат 476 ученици во 14 паралелки, а во „Арсени Јовков“ се нудат 544 места за ученици во 16 паралелки (272 ученици во 8 паралелки на настава на македонски јазик и 272 ученици во 8 паралелки на настава на албански јазик).