За 20 отсто зголемена ефикасност во откривање на корупција

За 20 отсто порасна ефикасноста во однос на документираните и откриени кривични дела поврзани со корупцијата, рече денеска министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, во гостувањето на вестите на „Телевизија Канал 5“.

Овие податоци за 2013-та година, како што истакна таа, покажува дека расте довербата кај граѓаните.

Над четири илјади граѓани досега пријавиле корупција на телефонската линија 199, која што е отворена во 2007-ма година.

За претостојните претседателски и вонредните парламентарни избори подготовките во Министерството за внатрешни работи, како што рече министерката, се веќе во полн ек, а полицајците се на обука.

Во однос на гаранцијата за мирна кампања и фер гласање за двата изборни циклуси, Јанкулоска вели дека подготовките се започнати многу порано, а полицајците кои ќе бидат ангажирани веќе се на повторна обука.

„Од она што досега може да го согледаме на теренот не постојат некои сериозни причини за да бидеме загрижени, сепак пристапуваме максимално сериозно и токму заради тоа одлучивме низ повторна обука за правилата на изборниот процес да поминат над 7.000 полициски службеници кои ќе бидат ангажирани околу изборниот процес“, рече Јанкулоска.