За Анкара одлуката на САД да ја исклучат од програмата ‘F-35’ е незаконска и штетна за стратешките односи

703
Американскиот ловец F-35A Lightning II. / © U.S. Air Force / Staff Sgt. Jensen Stidham

Американската одлука да ја исклучат Турција од проектот за развој на ловецот-бомбардер од петтата генерација „F-35“ поради набавката на рускиот ракетен противвоздушен систем „С-400“ е едностран и незаконски чекор, кој не соодветствува на духот на сојузништвото, објави ноќта кон четвортокот турското министерство за надворешни работи.

Турската дипломатија ги повикува САД да ја повлечат „погрешната одлука“.

Претходно во средата Белата куќа и Пентагон објавија дека е донесена одлука Турција да биде исклучена од проектот „F-35“ во кој учествуваа уште осум други земји, бидејќи одлуката на Анкара да ги купи руските системи „С-400 Триумф“ не соодвествуваат со НАТО стандардите. Според американската страна, учеството на Анкара во програмата ќе биде конечно прекинато до крајот на март 2020 година.

„Белата куќа и американското министерство за одбрана објавија дека нашата земја ќе биде исклучена од програмата ‘F-35’ поради набавката на системите за противвоздушна одбрана С-400. Овој едностран потег не е во духот на сојузништвото и нема правна основа. Непреведно е што Турција, којашто е еден од главните партнери во програмата F-35 да биде исклучена од неа. Нема никаква основа тврдењето дека С-400 го загрозува проектот F-35. Неодговарањето на предлогот на Турција за создавање работна група по ова прашање со учество на НАТО е најочигледниот сигнал за пристрасноста на САД и неподготвеносте со добра волја да се реши овој проблем“, се истакнува во соопштението на турското министерство за надворешни работи.

Се истакнува дека САД мора да ја покажат важноста на односите со Турција, не само со зборови, туку и со дејствја „особено во борбата против терористичките организации Исламска држава, Работничката партија на Курдистан (PKK) и FETO, односно организацијата на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој речиси две децении живее во егзил во САД, а кого Анкара го обвинува дека со својата мрежа создавал „држава во држава“ и која е одговорна за неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули 2016 година. Турција повеќепати бараше Ѓулен да ѝ биде предаден, но Вашингтон ги одбива барањата за екстрадиција.

„Ги повикуваме САД да се откажат од оваа грешка, која ќе им нанесе непоправливи штети на нашите стратешки односи“, се вели уште во реакцијата на турската дипломатија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.