За Јанкулоска немаше судска наредба но полицијата беше подготвена и правеше претреси, зошто за Мијалков важеле други правила?!

125

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков од неделата попладнето не е достапен за органите на прогонот, и по него Министерството за внатрешни работи по речиси 24 часа распиша и меѓународна потерница.

Мерката куќен притвор за Мијалков изминатиот викенд ја изрекоа од Основниот кривичен суд во Скопје по предлог на обвинителството кое побарало построга мерка на претпазливост во пресрет на изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ на 26-ти февруари.

Обвинителството за организиран криминал во петокот по завршните зборови за „Таргет-Тврдина“ го информирало МВР со цел, како што велат, да се преземат превентивни мерки, но шефицата на обвинителството Вилма Русковска за Канал 5 вели дека немале законски основ да побараат притвор.

Таков основ, тврди, добиле дури во саботата во 23 часот, откако МВР со нив ги споделило првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков.

Во неделата утрото по направените неопходни проверки, изготвен е предлог за определување на притвор. Во 12,00 часот со цел да обезбеди услови за прием на предлогот за притвор, обвинителството го известило кривичниот суд како и Министерството за внатрешни работи. По исполнување на административните процедури, обвинителите Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов во 14,30 часот се упатиле кон Кривичниот суд, каде во 15,00 часот Предлогот за определување на притвор е примен од судот.

Решението мерка куќен притвор и 24 часовен видео и аудио надзор на Мијалков од страна на обвинителството е примено во 18,45 часот. Во меѓувреме, до приемот на решението, јавните обвинители се известувани од надлежни лица во Министерството за внатрешни работи дека имаат визуелен контакт со обвинетиот Мијалков и дека тој не е избеган.

Сега неодговорноста на надлежните се правда со немањето на судска наредба. Но, да потсетиме, немаше судска наредба ниту за екс-министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, па зградата во која живее беше опколена од полиција.

Беа претресувани соседите, беа проверувани автомобилите кои излегуваат од паркинг и гаража.

„Нема потреба од спектакли, опсада на зградата во која живеам, вознемирување и претресување на соседите. Ако некој ме бара јас сум дома и на крај памет не ми паѓа некаде да бегам. Ништо не е поскапоцено од секој момент поминат со семејството,“ објави тогаш Јанкулоска на социјалните мрежи.

На фотографијата која ја објави можеше да се забележи полициско возило пред нејзината зграда.

Сега се поставува прашањето зошто во случајот на Сашо Мијалков, за кој се води еден од круцијалните процеси кои ги најавуваше актуелната власт кога беше опозиција, очигледно важеле сосема поинакви правила.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.