За б’лгарските работи

2080

Се разгоре ситуацијата во македонско – бугарските односи. Да се надеваме само дека ја достигна кулминација, иако со политичка креатура како Зоран Заев никогаш не си на сигурно. Таква една креатура може секогаш полошо, секогаш повеќе кон дното. Верувам дека не постои Македонец што неможе да се изначуди на леснотијата на неговата одвратност кон сопствената земја Македонија, кон нејзината историја, култура, традиции, кон македонските маркатнтни историски личности. Колку треба да е човек вон памет за да удри по своето и тоа онаму каде најмногу боли, каде сеуште има живи сеќавања на болката? Се прашувам какви родителите може да одгледаат, воспитаат и образуваат таков човек? Каде биле тие негови предци во блиската македонска историја, на пример за време на Втората светска војна? Кој нормален може да си ги објасни тие негови лудачки ставови, кои можеби се лукративни за него лично.

Ниту граѓаните на Македонија, ниту пак бугарските граѓани се виновни што во Втората светска војна Бугарија била дел од фашистичкиот сојуз. Во тој период голем дел од европските држави биле дел од фашизмот предводен од Хитлер, некои своеволно токму како Бугарија, некои насила. Замислувам како би изгледало во една Полска да има политичка креатура како Заев и да објави дека на пример на први септември, 1939 година, во земјата само била воспоставена германска управа и администрација, а не дека имало окупација и злосторства од нацистичка Германија.

Големината е во тоа да се побара прошка, а поголемата големина е да се прости.

Германскиот канцелар Вили Брант, во 1970 година, доаѓа во официјална посета на Варшава, по 25 години никаков државен контакт меѓу двете земји, и клекнува пред Споменикот на хероите од гетото, барајќи прошка од полскиот народ за она што се случило во Втората светска војна.

Прошката ја добива.

Дури и да не се случи ваков гест од бугарски политичар, ние треба да бидеме поголеми од нив, и да им простиме, но со напомена дека белегот од тој период ќе остане во учебници и споменици…

А, што прави Македонија со политичка креатура како Заев? Ги оправдува фашистичките злосторства во Македонија, предводени од тогашната фашистичка Бугарија. Тогашната. Дека тоа наводно не била окупација, дека само била воспоставена администрација. Јавно се фали дека на спомениците на македонските жртви на тие злосторства на бугарскиот фашизам, е избришан зборот фашист, фашизам, фашистички.

Значи по аналогија на нештата Зоран Заев е фашист.

И сето тоа наводно под превезот на некаква беспоштедна борба за добрососедски односи со Бугарија, за да се задржи курсот кон Европската унија.

Но, треба да ни биде јасно дека Македонија неможе да има добрососедски и пријателски односи со Бугарија се’ додека на власт е политичката креатура Зоран Заев и се’ додека во Бугарија на власт е лик како Бојко Борисов. На крајот на краиштата, па каков на пример потег на добра волја направи едниот или другиот за добробит и зближување на двата народи?

Сигурен сум дека граѓаните на двете земји безрезервно сакаат да живеат во пријателски и добрососедски односи, но свесни се дека тоа е невозможна мисија се’ додека не дојде до смена на политичките раководства.

Што побрзо се случи тоа, подобро за сите. Ним им е полесно. За неколку месеци имаат парламентарни избори. Нам ни е потешко, мора да излеземе масовно на улица и да ја пратиме во историјата политичката креатура Зоран Заев, ако навистина сакаме да имаме добрососедски односи со Бугарија и да го задржиме курсот кон Европската унија, со она малку гордост и достоинство како народ што ни остана од неговиот пустош.

Автор: Дејан Николовски

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.