За Брнабиќ изјавата на Бербок за Косово е „вџашувачко ниво на апсурд“

Српската премиерка Ана Брнабиќ ноќта кон понеделникот на критиките на адреса на Белград од страна на германската министерка за надворешни работи во врска со тензиите на Косово, рече дека станува збор за „неверојатно запрепастувачко ниво на апсурд“.

„Косово ги намали тензиите со одложување на локалните избори. Неодамнешната реторика од Србија е спротивна. Предлогот за испраќање српски сили на Косово е целосно неприфатлив“, напиша Twitter Бербок и истакна дека таа целосно го поддржува дијалогот предводен од ЕУ.

На коментарот на Бербок на Twitter дека е „неприфатливо“ враќањето на српските безбедносни сили во поранешната српска јужна покраина Косово и Метохија која во 2008-та со поддршка на западните земји меѓу кои и Германија еднострано прогласи независност, Брнабиќ ја потсетува шефицата на германската дипломатија на изјавата на министрите за надворешни работи на земјите од Г7.

Имено, на состанокот од 14-ти мај годинава шефовите на дипломатиите на седумте индустриски најразвиени земји во светот, на кој домаќин беше токму Бербок, во последното заедничко соопштение тие бараа во решавањето на секој проблем или криза во светот, како што се кризите во Либија, Сирија, Јемен и Словенија стриктно да се спроведуваат соодветните Резолуции на советот за безбедност при Обединетите нации (UNSCR).

„Сега, изненадувачки, министерката за надворешни работи на Германија експлицитно порачува дека би требало да се игнорира Резолуцијата 1244 на СБ на ОН којашто предвидува Србија да има право да бара враќање на одреден број припадници на своите безбедносни сили на Косово бидејќи тоа е ‘неприфатливо’“, објави српската премиерка на Twitter.

Притоа Брнабиќ го постави прашањето “според кои критериуми на меѓународното право и стабилноста се решава кои резолуции на Советот за безбедност на ОН мора да се почитуваат, а кои мора да се занемарат“.

Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност при Обединетите нации од јуни 1999 година со којашто се бараше крај на судирите на Косово и Метохија и повлекување на војската и полицијата на тогашната СР Југославија од покраината, дава можност под одредени посебни услови дел од тој безбедносен персонал да може да се врати „со надзор на меѓународна безбедносна присутност и ограничен договорен број“. Притоа има различни толкувања, од Приштина тврдат дека станува збор за неколку стотици, а во Белград дека се однесува на до илјада припадници на српските безбедносни сили.

Претходно во неделата поранешниот портпарол на мисијата КФОР на НАТО на Косово, полковникот Винченцо Грасо, оцени дека Северноатлантската алијанса и споменатата воена мисија никогаш нема да дозволат враќање на српската војска во регионот.

„Според Резолуцијата 1244, на српскиот персонал може да му се дозволи да врши само четири функции и ниедна од нив не е во согласност со актуелната ситуација и со намерата на (српскиот претседател Александар) Вучиќ, кој многу добро знае дека НАТО и КФОР никогаш нема да одобрат такво нешто“, објави Грасо на Twitter.

Тој во објавата ја толкуваше и одредбата на која се повикуваат Вучиќ и Брнабиќ во најавата дека ќе бараат враќање на српските војници во Косово.

„По повлекувањето (од Косово), на одреден број југословенски и српски персонал, којшто ќе биде дополнително договорен, ќе му се дозволи да се врати за да ги врши следните функции: Поврзување со меѓународната цивилна мисија и присутните меѓународни безбедносни структури; Одбележување/чистење на минските полиња; Одржување присуство во местата на културно-историско наследство; Одржување присуство на клучните гранични премини“, тврди Грасо.