За цел мандат СДСМ донесе 377 закони, за две недели се предложени над 200

Само во последните две недели Владата и пратениците од мнозинството до Собранието доставија речи половина од вкупниот број на закони кои што ги имаат поднесено во целиот свој мандат, односно последните нешто помалку од 3 години, анализира Прес24.

„Оваа влада за 3 години заедно со ова парламентарно мнозинство има донесено 377 закони, а само во последните 2 недели на 2 седници имате ставено 200 закони во процедура и на пленарна седница.“ – обвини координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Премиерот Заев ваквиот потег го правда со новиот Буџет и проектите кои треба да се реализираат по неговото донесување. Во Собранието во процедура е и измена на Изборниот законик што треба да резултира со измена на изборниот модел. Станува збор за крупна промена која за поголемиот дел од политичките партии претставува опасна авантура на само неколку месеци пред изборите, поради што и беше затрупана со амандмани, пред се од ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ со амандмани го блокира и законите за Јавно-обвинителска служба и оној за Академија за судии и јавни обвинители. Во процедура е и Законот за одбрана, а треба да се заврши и ратификацијата на протоколот за НАТО. Во меѓувреме, власта најавува и нови предлози на закони кои би ги поднела пред избори. Премиерот веќе најави а Владата донесе и одлука дека ќе бара Собранието да ја поништи лустрацијата а од Министерството за правда пред избори се најавува и измени во Законот за извршители како и нов Закон за јавно обвинителство.

Паралелно, премиерот се заканува дека нема да излезе на избори ако не се донесат измените на законите кои ќе овозможат предизборно зголемување на платите и пензиите.

„Но ако се дозволи опозицијата на видлив начин веќе во Собранието да изнаоѓа начини, а има право по деловник, да ги изблoкира законите за повисоки плати за повисоки пензии, за реализација на државните проекти кои што живот значат за граѓаните, тоа се за СДСМ сериозни причини да разговараме дури и за одлагање на изборите.“ – изјави Заев денеска.

Во опозицијата велат дека на сите им е јасно дека Владата прави се за да се спаси од избори свесна дека од ден во ден има се послаб рејтинг. Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека речи си секој закон што Владата го предлага на само неколку дена пред крајот на својот мандат е во насока на предизборни манипулации и дека доколку сакала да го стори тоа, имала повеќе од 2 ипол години.

„Шверцерското и насилничко туркање на законите без дебата по брза постапка има за цел Заев да создаде криза во државата, со цел да се одложат изборите. Таа намера ја потврдува и вчерашната негова изјава но и пазарџиските неформални услови и уцени кои доаѓаат до нас да сме ги прифателе законите инаку немало да има избори. Се поставува логичното прашање – што работеше Заев и неговиот тим овие три години, зашто не ги донесоа законите во изминативе три години туку на сила ги туркаат сега на еден месец пред распуштање на Собранието. И зошто бараат поддршка од ВМРО-ДПМНЕ си имаат мнозинство, а во секоја демократија мнозинството ги носи законите. Или можеби го немаат мнозинството?“ – праша денеска на прес конференција Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.