За да ги откажат цигарите 500 лица побарале помош

Околу 500 лица побарале помош за да ги откажат цигарите. Во рамки на центрите за јавно здравје во Република Македонија минатата година се отворија Советувалишта за откажување од пушење, наменети за сите заинтересирани граѓани кои можат да се пријават на едукативни предавања во центрите.

Како што информираат од Министерството за здравство во текот на една година (јуни 2014 – јуни 2015 година) со советувањата се опфатени вкупно 500 лица, од кои половина се здравствени работници кои биле дел од групно советување.

Согласно Акцискиот план, во првата фаза беа опфатени здравствените работници со цел да им помогнат на своите пациенти во процесот на откажување од пушење. Сите Центри за јавно здравје подготвија план за работа на Советувалиштето, кој е достапен на веб-страниците на Центрите. Овие едукации се одржуваат двапати неделно по два часа. На пример, во Центарот за јавно здравје во Скопје, советувалиштето работи во вторник и четврток од 13 до 15 часот, информираат од Министерството.

Оттаму информираат дека советувалиштата се достапни  за сите заинтересирани граѓани кои ќе се обратат во Центрите за јавно здравје и ќе побараат помош за да ги откажат цигарите. Во нив работи стручен и обучен кадар од доктор-специјалист и медицинска сестра, а по потреба и други соработници (социјален работник, психолог и др.), кои одржуваат едукативни предавања со фокус на презентирање на штетните ефекти од пушењето врз здравјето на пушачите, како и на штетните влијанија од тутунскиот чад за околината.

Со континуирана едукација и укажување на штетните последици од пушењето, се придонесува кон целокупно подобрување на јавното здравје.

Неколку корисни совети ако сакате да се откажете од цигарите, на следниот линк:

Ако се откажувате од цигари, најдобро е тоа да го направите во недела