За Дачиќ одењето на Харадинај во Хаг е ‘излет“ и ‘политичка фарса’

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ го нарече во четвртокот „политичка фарса“ и „излет“ одењето на косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај во Хаг на повик на Специјалното обвинителство во својство на осомничен за сторени воени злосторства во некогашната јужна српска покраина во текот на борбите во 1998/1999 година.

„Овој излет на Харадинај се претвори во политичка фарса, затоа што беше јасно дека ќе отиде таму на само неколку часа, во овој случај тоа беше еден час, и дека ќе биде пуштен“, изјави Дачиќ во гостувањето во белградската комерцијална телевизија Пинк.

Харадинај пред новинарите по сослушувањето во Хаг во средата изјави дека обвинителите не му кажале поради што е повикан, како и дека го искористил своето право да се брани со молчење.

Дачиќ истакна дека сите сослушувања на осомничените во Хаг ќе бидат затворени за јавноста и дека не се знае дали потоа против припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК – UCK) ќе бидат подигнати и обвиненија.

Според него, „едно е сигурно: целиот овој процес уследи со голем меѓународен притисок по извештајот (на меѓународниот истражител) Дик Марти за злосторствата на ОВК“. Дачиќ тврдеше дека „Србија има непријатни искуства со некои други трибунали“, и оти е непознато кој сѐ од албанската страна може да се најде на листата осомничени.

Харадинај поднесе кон крајот на минатата седмица оставка на премиерската должност, со образложение дека од Специјалното обвинителство за воени злосторства на Косово добил повик во Хаг да замине како осомничен, како и дека сака да се појави како приватно лице, а не како премиер, бидејќи тогаш пред обвинителите би „излегла владата (на Косово) и државата“.

Според написите во српските медиуми, наводно вкупно четириесетина лица од Косово добиле повик за сослушувања во Хаг, а меѓу нив и косовскиот претседател Хашим Тачи, како и претседателот на парламентот Кадри Весељи.

Претседателката на Европското движење на Србите од Косово и Метохија, Рада Трајковиќ, изјави дека Тачи и Весељи се „веќе сослушани во врска со обвиненијата за злосторствата на Косово“, и оцени дека Харадинај со оставката и заминувањето во Хаг на овие двајца им одржал „час по морал“.

Трајковиќ за телевизијата N1 рече дека по поканите за 40-ина лица од Косово да се појават во Хаг во својство на осомничени или сведоци, одговорот кој најмногу ја интересира заедницата на косовските Срби е кога ќе започне процесот против ткн Дреничка група, која во извештајот на Дик Марти е осомничена за киднапирања на косовските Срби и за трговија со човечки органи.