За Дачиќ одложувањето на самитот во Париз е пораз, но најмалку на Србија

Одложувањето на самитот во Париз претставува пораз, но е најмалку пораз на Србија, оцени во неделата српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Коментирајќи го откажувањето на париската средба на којашто по неодамнешниот неуспех во Берлин повторно требаше на преговарачката маса да седнат челниците на Белград и Приштина, Дачиќ во разговорот за комерцијалната телевизија ТВ Пинк вели дека косовскиот претседател Хашим Тачи „точно ја дефинирал ситуацијата“ со оцената дека тоа претставува пораз за Косово.

Дачиќ, исто така, вели дека Косово е означено како виновник за одложувањето на самитот кој во Париз имаа намера да го организираат францускиот претседател Емануел Макрон и германската кацеларка Ангела Меркел. Шефот на спрската дипломатија, исто така, вели дека ниту Брисел, ниту Вашингтон не се „многу тажни“ поради одложувањето на средбата.

„Ова зборува за тоа дека САД ова го гледаат како доказ дека без нив ништо не може да се заврши. Сега оние кои се обидуваа да го организираат состанокот гледаат дека тоа не е лесно… Постојат многу други теми со кои се занимаваат европските челници, а една од нив е изборот на новите европски институции“, оценува Дачиќ и додава дека во моментов е прерано да се каже кога ќе биде продолжен дијалогот меѓу Белград и Приштина и каков би можел да биде натамошниот развој на настаните.

Дачиќ смета дека самитот е одложен бидејќи Макрон не сакал да дозволи косовскиот премиер Рамуш Харадинај „да му врзе шлаканица среде Париз, како и во Берлин“, каде што тој, според оцената на српскиот министер, ги понижил Меркел и Макрон со прашањето кој на Приштина ќе ѝ гарантира визна либерализација којашто тие двајца ја понудиле во замена за укинување на царините за стоките од Србија и враќање на дијалогот.

„Тие во замена за царините му понудиле Косово да добие визна либерализација и да помогнат на патот кон ЕУ. Харадинај потценувачки ги праша кој ќе му го гарантира тоа. Сакаше да каже дека му е потребен малку поголем гарант отколку што се тие двајца“ Меркел и Макрон, вели Дачиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ повторни во неделата дека жали поради пропаѓањето на самитот во Париз, оценувајќи дека Приштина сфатила дека Србија „ита во економски напредок“ ид ека во тоа може да ја попречува со уцени и одложување на трагањето по решение.

„Од Белград бараат признавање, а ништо не нудат и поради тоа решавањето на косовоското прашање само се одложува, забавувајќи ја Србија во развојот“, рече Вучиќ за новинарите.

По неуспешниот обид на Меркел и Макрон кон крајот на мај во Берлин на собирот на челниците од земјите од западен Балкан да поттикна продолжување на дуијалогот меѓу Белград и Приштина, новата средба беше закажана за почетокот на јули во Париз, но во петокот беше потврдено дека е одложена, бидејќи не се создадени условите за неговото одржување.