За дебелите бонуси за поранешните обвинители на СЈО се уште се води предистражна постапка

Предистражната постапка за поранешните обвинители од пропаднатото Специјално обвинителство се уште не е завршена.

Ова денеска за Лидер.мк го изјави шефицата на Одделот за борба против организираниот криминал и корупција во Јавното обвинителство, Вилма Рускоска.

Предистражната постапка за поранешните „чарлиеви ангели“ беше покрената од страна на обвинителството, поради дополнителните бонуси, што поранешната шефица Катица Јанева им ги делела вон редовната плата. Па, така, Јанева си доделила 157.000 евра, на Елена Јосифовска 107.000, на Лиле Стефанова 93.000, на Бурим Рустеми 90.000, на Фатиме Фетаи и Љубомир Лапе по 87.000, на Артон Ајро, Трајче Пеливанов и Гаврил Бубевски по 86.000 и на Ленче Ристовска 72.000 евра.

За доделените бонуси Антикорупциската комисија на сите, освен на еден обвинител, им одреди прекршочни казни поради не пријавување на промена во имотната состојба.

Но, прашањето за поранешните специјални обвинители се актуелизира со најновиот конкурс за прием на нови обвинители во редовното обвинителство во одделот за борба против организиран криминал и корупција. Зашто, некои од нив најверојатно конкурирале или ќе конкурираат за оваа позиција.

Секако, главниот збор при приемот ќе го има Советот на јавни обвинители. Посебно ќе биде важно каков ќе биде неговиот став ако се има предвид дека се уште не е завршена предистражната постапка, што се води против некогашните „чарлиеви ангели“, и што е поважно, што сите тие, освен еден, морално и етички го прекршиле основниот Закон за борба против корупцијата и судир на интереси. Зашто, на Советот на јавни обвинители ќе му биде тешко да објасни како се случило да прими обвинители за кои предистражната постапка може да донесе и непосакувани последици, а уште потешко како истите тие, кои етички и морално го прекршиле Законот за борба против корупција и судир на интереси, во иднина ќе треба да обвинуваат некого токму за криминал и корупција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.