Од година во година сѐ помалку ученици се запишуваат во основните и во средните училишта во државава, а се намалува и бројот на младите кои сакаат да студираат на факултетите.
Според податоците од најновата публикација на Државниот завод за статистика, ДЗС,„Северна Македонија во бројки“, состојбите во областа на образованието не се разликуваат во зависност од степенот на образованието, но големи се разликите во бројките.
Така, во основното образование, од година на година се намалува бројот на влезната
генерација, како и на вкупниот број ученици.
Статистиката покажува дека бројот на запишани ученици во основно образование во учебната 2017/2018 година е помал за 13,5 отсто во споредба со оној 2007/2008 година. Или, додека во 2007/2008 година се запишале 223.982 деца, во учебната 2017/2018 биле запишани 193.689 деца, дури за 30.293 деца помалку.
Состојбата со намалувачкиот тренд на запишани ученици во средното образование е уште поалармантна. Бројот на запишани ученици во средното образование во учебната 2017/2018 година, во споредба со 2007/2008 година, е намален за 24,4 отсто. Односно, додека во 2007/2008 година се запишале 95.109 ученици во средните училишта во земјава, во 2017/2018 година нивниот број изнесувал вкупно 71.944 ученици. Со други зборови, за десет години бројот на запишаните средношколци е помал за 23.165 ученици.
Опаѓа и бројот на студентите. Во учебната 2017/2018 година бројот на запишани студенти е намален за 11,4 отсто во споредба со 2007/2008 година. Поточно, според податоците на ДЗС, додека во 2007/2008 биле запишани 64.254 студенти на високите школи, во 2017/2018 година на факултетите документи з априем доставиле 56.941 студент.