За два месеци, власта го зголемила буџетскиот дефицит за 70 милиони евра

Дополнителната заменик министерка за финансии, Гордана Димитриевска Кочовска, во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа на јавноста и’ откри детали за состојбата во која се наоѓа државната каса во овие услови на светска пандемија на опасниот коронавирус.

Таа истакна дека во изборна година со единствена цел купување на глас повеќе, дефицитот во буџетот за првите два месеци пораснал за неверојатни 70 милиони евра. Кочовска посочи дека не верува дека 700 милиони евра задолжување ќе бидат доволни за да се покрие буџетската дупка.

Нејзините пресметки и пресметките на нејзинот кабинет укажуваат на тоа дека Македонија ќе треба најмалку да се задолжи дополнителни 1,2 милиони евра за да ја преброди корона-кризата, задолжување кое може да достигне и до 1,7 милиони евра нето долг.

Таа открива дека Македонија сега бара 600 милиони евра во кредити, а колкава ќе биде еврообврзницата ќе зависи од буџетскиот дефицит.
Кочовска потенцираше дека засега никој не прави калкулација во делот на расходите, туку сите калкулации за задолжувањето се прават во однос на приходната страна на буџетот.