За една година ќе биде готово новото крило на Општата болница во Струмица

Веќе еден месец траат градежните активности во новото крило на Општата болница во Струмица. Динамиката оди согласно планираното без очекувања за застој, а работите ќе бидат завршени за една година, оценија денеска претседателот на Владата Емил Димитриев, министерот за здравство Никола Тодоров и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски кои направија увид во досега сработеното.

Во новиот дел кој се простира на површина од 6.500 квадратни метри ќе бидат сместени Ургентен центар и уште осум одделенија, за што ќе бидат инвестирани над 4,5 милиони евра за градежните работи и дополнително од 2,5 до 3 милиони евра за опрема.

Од изведувачот на проектот известени сме дека нема посериозен застој. Обезбедивме над 4,5 милиони евра за објектот и Струмица ќе добие една од најсовремените болници во регионот и пошироко со високи здравствени стандарди. Тука ќе бидат сместени гинекологија и акушерство со неонатална интензивна нега што сериозно ќе го зголеми стандардот во оваа насока. Потоа општа хирургија, урологија, трауматологија, ортопедија, офталмологија, оториноларингологија и патологија. Струмица со реконструкцијата ќе добие најсовремен ургентен центар кој ќе се наоѓа на приземјето и ќе биде во функција на сите пациенти кои гравитираат тука. Интервентната кардиологија која веќе е ставена во функција ќе биде дел од целиот овој сегмент, рече министерот Тодоров.

Со доградбата и реконструкцијата на новиот простор кон кругот на болницата ќе бидат донесени и сега дисперзираните одделенија за неврологија, оториноларингологија, офталмологија и психијатрија. Кон крајот на јуни, треба да биде распишан тендерот за набавка на опрема, истакна Тодоров.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Груевски посочи дека со комплетирањето на струмичката болница, ќе се зголеми и бројот на пациенти кои ќе бараат и ќе добијат квалитетна здравствена услуга.

Неодамна започна доградбата на оваа болница, тоа е една мешавина на градба, реконструкција, монтажа, демонтажа затоашто овој објект започнал да се гради во 80-те години, па застанал.  Останал на забот на времето до 2001-2002 кога почна негова понатамошна градба, но поради изборите кои ги загуби ВМРО ДПМНЕ и ги доби СДСМ  повторно застана проектот и сега еве повторно продолжува. Извесно дека отприлика за една година до крајот на пролетта и почетокот на летото 2017 ќе заврши овој дел во кој ќе има поголем дел нови одделение. Хируршки, гинеколошки, уво нос и грло, кои ќе бидат од голема корист на сите граѓани не само на Струмица туку и пошироко. Струмичката болница во моментот опслужува 200 до 230 илјади граѓани, па претпоставките се дека кога ќе заврши градбата до 250 илјади граѓани ќе грвитираат тука за здравствени услуги кои не можат да ги добијат во нивните помали места, рече Груевски.

Нагласи дека овој проект му бил и јавно дадено ветување и дека со огромен интерес ја следел реализацијата, затоа и денес дошол на самото место да го види текот на работите.

Ме радува што проектот тргна, а ми беше и јавно ветување и следев до каде и како се одвиваат работите. Човек сум кој кога ќе даде ветување гледа да се оствари и неколкупати го прашував Тодоров за овој проект и денеска дојдовме на лице место, рече Груевски.

Директорката на Општата болница Струмица, Анче Ангова, посочи дека е чест да се работи во време кога се реализираат вакви проекти.

Чест и задоволство е да се работи и живее во време кога се градат витални објекти. Се надевам дека ќе оставиме позитивен белег на генерациите што доаѓаат, рече спец.д-р Ангова.

Инаку, министерот Тодоров нагласи дека почнуваат порано со реализација на проектот кој во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата бил планиран да почне во 2017 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.