За една недела над 7.000 новозаболени и 172 смртни случаи!

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 9 до 15 ноември 2020г. тестирани се вкупно 20.980 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 6,4% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 7.355 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со незначително зголемување во однос на минатата недела, кога беа регистрирани 7.280 нови случаи.

Најголем дел од регистрираните случаи и натаму се од Скопје (n=3.305; 44,9%), со неделна инциденца – 535,1/100.000. Во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 35%, намалување за 2% во однос на минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1646, 22,4%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 години (n=1496; 20,3%), 40-49 (n=1435; 19,5%), 50-59 (n=1410; 19,2%) и 20-29 (n=961; 13,1%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=120; 1,6%) и 10-19 години (n=287; 3,9%). Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 3.731 (50,7%) лица од машки и 3.624 (49,3%) од женски пол.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 3.524 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 11.6% повеќе од минатата недела.

Пријавени се 172 смртни случаи од 23 града, зголемување од 35,4% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 135 лица биле над 60 години, 26 лица на возраст од 50-59 години, 9 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и два случаи во возрасната група од 30-39 години. Од смртните случаи, епидемиолошки се истражени 155 или 90,1%.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 9 до 15.11.2020 г. како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.