За француските функционери дијагнозата на Макрон за НАТО била ризична, но потребна

Отворената оцена на францускиот претседател Емануел Макрон дека НАТО е во состојба на „мозочна смрт“ можеби ги вознемирила Европејците, но тоа е ризик со кој тој е подготвен да се носи доколку тоа ќе ги спречи да ја вртат главата од сѐ поопасниот свет, коментираа во петокот француски функционери.

Емануел Макрон во разговорот за британскиот магазин The Economist предупреди дека Европа не може повеќе да се потпира на САД и дека треба да ја преземе безбедноста на континентот во свои раце. Иако францускиот претседател веќе подолго време ја повикува Европа да почне да се смета себеси за „автономна суверена сила“, неговата дијагноза за НАТО кој прославува 70 години од основањето предизвика низа реакции. Германската канцеларка Ангела Меркел, на пример, ја оцени како „предрастична“.

Но 41-годишниот Макрон смета дека ваквите изјави се неопходни за да ја протресат Евриопа од нејзината дремка пред самитот на НАТО кој на 4-ти декември ќе се одржи во Лондон.

„Потполно сме свесни дека тоа е ризично. Кога ја кажувате вистината неизбежно е да предизвикате раздразеност, напнатост и понекогаш поделби. Тоа во почетокот може да боли, но некогаш станува темел за идното единство. Некои земји сакаат да го турнат под тепих она што се случи во Сирија, а ние мислиме дека тоа е екстремно опасно“, рекол неименуван француски функционер за агенцијата Reuters.

Водечките европски земји, имено, не успеаја да ја запрат турската офанзива во Сирија и останаа затекнати со одлуката на американскиот претседател Донал Трамп да повлече поголем дел од војските од оваа блискоисточна земја во која Франција и другите европски земји ги поддржуваа бунтовниците против претседателот Башар ал-Асад, сојузник на Русија, и истовремено се бореа против џихадистичката организација Исламска држава.

Европскиот исток се чувствува непријатно

Изјавата на Макрон за НАТО, како и неговото размислување дека Европа треба „повторно да го покрене стратешкиот дијалог со Русија од кој би отсуствувала секаква наивност“, предизвика непријатност на истокот од континентот кој САД ги смета единствен безбедносен гарант во односите со Москва.

„Не можам да кажам дека тоа нѐ развесели“, изјави литванскиот претседател Гитанас Науседа.

Марко Михкелсон, потпретседател на комисијата за надворешни работи на парламентот на Естонија, која граничи со Русија, оцени дека Макрон испратил „опасен сигнал.

„Макрон можеби чезнее за Соединетите Европски Држави кои ќе имаат своја војска, но намерното уништување на трансатлантскиот сојуз, нешто што нѐ обединува и ни помага поефикасно да се соочуваме со опасностите во светот, тоа е едноставно кретенски“, коментираше естонскиот пратеник.

Загриженост изрази и Полска која со Франција долго се судира во врска со одбранбените прашања, откако во 2016 година го откажа воениот договор со француски „Airbus“ и наместо тоа се одлучи за американско вооружување.

Ноеви

Меѓутоа, француските функционери тврдат дека Макрон само јавно го кажал она што е очигледно, и потсетуваат дека самиот Трамп претходно ја доведуваше во прашање американската доследност на НАТО, нарекувајќи го „застарен“.

„Европејците се ноеви кои не сакаат да видат како нивниот сакан свет избледува“, напиша на Twitter францускиот амбасадор во Вашингтон, Жерар Арод.

Функционерите отфрлаат и дека Макрон заземал антиамерикански став, сличен на оној на легендарниот француски претседател Шарл де Гол, кој кон средината на минатиот век го дистанцираше Париз од НАТО и заговараше поголема одбранбена сувереност на Франција и на Европа.

„Многу се грижам за тој однос и многу инвестирав во него со американскиот претседател. Но првпат сме соочени со американски претседател кој не ја споделува нашата идеја за европскиот проект, а американската политика се разидува со овој проект. Мораме да изведеме заклучоци од последиците“, рече Макрон за The Economist.

Иако Макрон покрена иницијативи за јакнење на европските одбранбени способности, францускиот претседател тврди дека нивната цел не е замена за НАТО, но останува нејасно како тој планира да ги разреши проблемите во Алијансата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.