8.8 C
Skopje
сабота, април 20, 2024

За Грција наполнете го резервоарот, може да заштедите и до 40 евра

Македонците кои планираат на летување да заминат во некоја од земјите во регионот, најдобро е да го наполнат резервоарот до горе ако сакаат да заштедат на гориво. Скокот на цената на суровата нафта предизвика поскапување на горивата во речиси сите земји, но, пресметката покажува дека постои голема разлика помеѓу земјите во регионот кога станува збор за цените на бензините и на дизелот. Така, граѓаните кои одлучиле да тргнат на летување со автомобил треба да знаат каде им е поевтино да го наполнат својот резервоар, бидејќи така можат да заштедат и до 40 евра.

Македонија веќе ја загуби титулата на најевтина дестинација за купување и дизел и бензин затоа што сега истата ја има Црна Гора. Имено, во нашата земја, за литар бензин 95 треба да издвојат 110 денари за литар, односно 1,77 евра, а за литар 98 и евродизел 112 денари или 1,80 евра. Тоа значи за да наполните резервоар од 60 литри со 95 ќе ве чини 106, односно 108 евра за 98 и евродизел.

Во Црна Гора, пак, каде бензинот и дизелот се најевтини од земјите во регионот, литар бензин ќе ве чини 1,68 евра, а литар дизел 1,58 евра. Така доколку одите на море во Црна Гора и таму го наполните резервоарот може да заштедите 14 евра за дизел и 6 евра за 95. За да го наполните резервоарот со бензин таму ќе треба да платите 100 евра, а за дизел 94 евра.

Така доколку одите на летување во Грција, најдобро ќе биде да го наполните резервоарот, бидејќи литар гориво во Грција чини и до 30 денари повеќе отколку во Македонија. Така за полн резервоар во Грција ќе ви треба 144 евра, односно околу 40 евра повеќе. Грција, поради високите цени на бензинот неодамна воведе електронски картички за попуст од 22 центи за литар за граѓаните со годишен семеен приход до 30.000 евра.

Што се однесува до Албанија, која последниве години е избор за летување на голем број Македонци, има највисоки цени на дизелот. Така за полн резервоар во оваа држава каде дизелот чини 2,16 евра за да наполните резервоар ќе ви требаат 130 евра.

Кога станува збор за Србија, според ценовникот е во златна средина за двата вида гориво. Па така литар 95 чини 1,69 евра, а дизелот 1,78 евра, додека пак во Косово 95-ката чини 1,91 евро, а дизелот 1,89 евра.

Во Хрватска, пак, која неодамна ги замрзне цените на горивата на сите бензински пумпи, освен на автопатите, дизелот чини 1,70 евра за литар, а бензинот 95 – 1,75 евра за литар. За да наполните резервоар во Хрватска со бензин ќе платите 105 евра, а со дизел 102 евра.

Цените на обичниот бензин и дизелот на бензинските пумпи покрај автопатите во Словенија, пак, од пред неколку дена се повисоки за речиси 20 центи за литар. Обичниот бензин чини 1,75 евра за литар, а дизелот 1,85 евра за литар.