За Илинден Пендаровски во Пелинце, Џафери во Крушево, Спасовски во Скопје

Претседателот на државата Стево Пендаровски ќе предводи делегација во Пелинце, претседателот на Собранието во оставка, Талат Џафери во Крушево, а премиерот Оливер Спасовски во Скопје. Ова е распоредот на државниот врв за годинашната прослава на националниот празник Илинден.

Организација на масовна прослава за Илинден ќе нема, а одбележувањето ќе биде според утврдени здравствени протоколи, со носење заштитни маски и држење физичка дистанца. Надлежните велат дека има протоколи заштита од Ковид-19 и апелираат тие да се почитуваат.

Крушевскиот градоначалник Томе Христоски, кој е претседател на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ вели дека големиот Илинден и 117-годишнината од Илинденското востание ќе се прослават достоинствено, но очигледно ќе изостанат собирањата.

Манифестацијата традиционално почнува на 1 август. Крушево ги пречекува коњаниците, на Гумење се подигнува знамето на Републиката со пригодна програма. Во десетте дена вообичаени се бројните културни настани во чест на значењето на Илинденското востание. Централната прослава на Илинден е на 2 август на Мечкин Камен.