За инцидентот во Охрид виновна е опозицијата, смета Ковачевски

Мора да останеме мирни и разумни, но не треба да бидеме наивни. Ова е класична дистракција, на еден навистина перфиден начин, со цел да се одвлече вниманието од нашата европска иднина – изјави премиерот Димитар Ковачевски на прашање како го коментира инцидентот во Охрид во кој беше претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, како и другите провокации кои му претходеа.

– Сето ова што се случува има импликации затоа што ова не е натпревар кога играат Пелистер и Вардар, или МЗТ и Работнички. Ова е нашата иднина. Зошто ние треба да продолжиме на патот кон Европската Унија. Најважно е што тие кои ги иницирале настаните од минатата недела, како и настаните кои претходеа, не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ – рече Ковачевски.

Тој апелираше до опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се преиспита, бидејќи, како што рече, има голем број информации дека настаните коишто се случија минатиот викенд и настаните коишто се случуваа претходно, се поврзани со нејзини членови и симпатизери.

– И затоа велам дека преку вакви активности нашата најголема опозициска партија се повеќе наликува на продолжена рака на Левица. Нам не ни треба тоа што тие го продаваат. Јас велам дека постојат два концепти. Едниот концепт е концептот за европска Македонија, вториот концепт е концепт на бесмислен национализам, којшто замина од оваа држава заедно со нивниот вистински лидер. Од друга страна, јас ќе дадам се од себе, ќе инсистирам на брза и ефикасна институционална реализација на секој чекор и денес и понатаму затоа што ние едноставно мора да се задржиме на нашиот европски пат и целосна интеграција на Северна Македонија во ЕУ заради сегашните и заради идните генерации – потенцира Ковачевски.

Ковачевски нагласи дека нема да дозволи да се одвоиме од европскиот пат на државата и затоа ќе инстистира овој проблем да се реши на најбрз можен начин.

– Насилство од било каков тип не оправдувам и секогаш го осудувам и ќе го осудувам, исто како што ќе се спротивставам и на секоја провокација што доаѓа од внатре или од надвор, а која ги повредува чувствата на Македонците и којашто буди немир помеѓу нашите граѓаните. За мене таквите провокации се недозволиви. Во однос на инцидентот, задоволен сум што институциите реагираа брзо, МВР успеа веднаш да ги пронајде напаѓачите и да постапи соодветно, а верувам дека брзо ќе биде расчистен целиот случај и дека по истиот, во согласност со пријавите, ќе постапува и ОЈО, кое има надлежност во овој случај – истакна Ковачевски.