За историчарот Ѓоргиев бришењето на „бугарски“ од фашистички окупатор, е порака за помирување

Историчарот Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, смета дека изјавата на премиерот Зоран Заев за бришење на придавката „бугарски“ од фашистички окупатор на спомениците и во учебниците, е порака до Бугарија дека за историско помирување помеѓу двата народа треба да се разговара.

Според Ѓоргиев, вистинските зборови се „простување, но не заборавање“.

– Кога станува збор за т.н. политики на сеќавање на една нација за своето минато тогаш за носењето решенија за таа политика, сеќавање кое обично се сведува на она што пишува на спомениците и како јавноста го перцепира тоа минато, видено преку очите на политиката, тогаш потребни се многу дебати, разговори, потребно е консензус во јавноста да се донесе одредена одлука на кој начин ќе биде претставен одреден настан или личност од минатото. Оваа изјава на нашиот премиер јас не ја гледам како изјава која веднаш ќе биде спроведена и со која веднаш од утре ќе се тргне на терен да се бришат некои придавки од она што е досега востановено. Повеќе јас ја гледам таа изјава како обид, порака до другата страна дека во однос на историското помирување помеѓу македонскиот и бугарскиот народ треба да се разговара, треба да се разговара за сите болни прашања кои постојат меѓу нас и нив и дека тоа е решението да дојде до помирување – рече Ѓоргиев во интервју за ТВ Сител.

На прашањето, дали ова значи да си простиме, но да не заборавиме, историчарот одговори дека апсолутно тие се вистинските зборови „простување, но не заборавање“.

За тоа дали има реакција од бугарска страна, Ѓоргиев посочи дека тоа е поголемиот дел од проблемот, бидејќи досега сите обиди што ги направи и Комисијата и нашата политика со цел да се постигне некој позитивен одговор од таму, наидоа на еден многу тврд ѕид.

– И затоа ваквата една би рекол изјава, обид на премиерот, на некој начин да се поттикне тој разговор меѓу двете страни наиде на остра реакција кај нашата јавност, бидејќи од другата страна не слушнавме ништо друго освен отворено негирање на нашата историја, на нашиот идентитет, на македонскиот јазик. Тоа е она поради кое јавноста реагираше – оценува Ѓоргиев.

Тој вели дека за ова прашање немало официјални разговори меѓу членовите на двете комисии туку дека понекогаш за време на паузи се случувало да се поттикне тоа прашање. Главниот проблем овде, според него, „е што во бугарската историографија и гледање на минатото на Македонија, преовладува мислењето дека Македонија е историски бугарска земја“.

– Тоа е присутно и во учебниците во Бугарија и ние тоа го нотиравме и го дадовме како забелешка која треба да се промени и да се измени во учебниците во Бугарија. И оттука произлегува ставот и на сегашната бугарската историографија и политика дека Бугарија не може да биде окупатор на земја која според нивното гледање на минатото историски е бугарска земја. Затоа тие себеси се гледале или како ослободители на оваа територија, бугарска според нив, или како админстратори. Затоа зборот окупатор за нив е оној болниот збор кој не може да го прифатат – рече Ѓоргиев.

Во однос на сегашниот статус на Комисијата, историчарот рече дека таа добила мандат од Владата во 2018 година и оти тој мандат сè уште не е повлечен, но оти од формално-правен аспект Комисијата е во мирување поради обновување на договорите кои всушност траат веќе четири години.

– Инаку, мандатот на Комисијата не е повлечен од Владата и таа има владин мандат – посочи Ѓоргиев, кој рече дека нема информација каков е статусот на соодветната Комисија во Бугарија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.