За Јункер германскиот мигрантски договор, веројатно, е во согласност со правилата на ЕУ

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, изјави во вторникот дека договорот за имиграцијата постигнат меѓу партиите во германската владејачка коалиција, најверојатно е во согласност со законодавството на Европска унија.

„Не сум го проучил во детали, но на прв поглед се чини дека е согласност со законодавтството на ЕУ“, посочи челникот на ЕК, Жан-Клод Јункер, додавајќи дека треба детално да го проучат службите на Комисијата.

Претходно, ЕК информираше дека ќе го анализира договорот што ноќта кон вторникот го постигнаа Христијанско-демократската унија (CDU) на германската канцеларка Ангела Меркел и баварската сестринска партија Христијанско-социјалната унија (CSU) чиј лидер е министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој предвидува отворање на центри за мигранти на територијата на Германија.

Неименувани извори во Европската комисија соопштија дека правилата на ЕУ за барателите на азил дозволуваат создавање транзитни зони во државите членки на ЕУ во коишто би се обработувале барањата за азил.

Според договорот меѓу Меркел и Зехофер, со кој канцеларката се обидуваше да ја зачува својата коалиција, предвидени се центри од затворен тип во кој ќе се разгледуваат барањата за азил, како и враќање на тие што веќе поднеле барање во друга членка на ЕУ.

Договорот бил доставен до правната служба на Европската комисија, каде ќе биде анализиран, а тој допрва треба да биде одобрен и од третиот коалициски партнер во германската Влада, Социјалдемократската партија на Германија (SPD).

Како што јави германската новинска агенција DPA, договорот предвидува мигрантските центри коишто ќе бидат отворени во Германија, да гаранатираат дека мигрантите нема да имаат речиси никаков контакт со надворешниот свет. Во центрите во кои ќе се обработуваат барањата за азил нема да биде предвидено ниту изучување на германскиот јазик. Со овие центри се напушта праксата барателите на азил да бидат распоредувани низ германските градови и села, каде го учеа германскиот јазик и имаа можност за интеграција.

Според барањата на министерот Зехофер, овие центри ќе бидат строго наменети за обработка на барањата за азил и нема да ги подготвуваат мигрантите за подолготраен престој во Германија. Зехофер се закани со оставка и на министерската и на партиската претседателска должност, што можеше да резултира со раскинување на децениската коалиција меѓу CSU и CDU, доколку не се стори нешто во врска со напливот на мигранти.

Засега само сојузната земја Баварија реши да отвори ваков центар, додека другите германски покраини се немаат изјаснето. Германските медиуми оценуваат дека во баварскиот пилот-центар мигрантите живеат во пренатрупани објекти и честопати протестираат поради условите за живот.