За клевета на две години затвор за индискиот опозиционер Рахул Ганди

Судот во Индија го прогласи во четвртокот опозицискиот челник Рахул Ганди виновен за клевета и го осуди на две години затвор поради говорот што го одржал во 2019 година во кој рекол дека крадците се презиваат Моди, што е презимето на индискиот премиер Нарендра Моди.

Рахул Ганди, кој е висок функционер на опозициската Конгресна партија и потомок на политичката династија Нехру-Ганди којашто владееше со Индија со децении, ќе се жали на пресудата на повисока судска инстанца, соопшти неговата партија.

Пресудата ја донел судот во градот Сурат, кој се наоѓа во сојузната индиска држава Гуџарат, во којашто е роден премиерот Нарендра Моди.

Советникот на сојузната влада, Качан Гупта, изјавил дека Ганди, кој е член на долниот дом на парламентот, по пресудата би можел да се соочи со моментално одземање на пратеничкиот мандат во парламентот.

„Судот утврди дека коментарот на Рахул Ганди е клевета. Осуден е на две години затвор“, изјавил Кетан Рашамвала, адвокат на тужителот Пурнеш Моди, пратеник од владејачката националистичка партија Бхаратија Џаната (BJP).

Рахул Ганди бил присутен на судот во Сурата и веднаш му е дозволена кауција и казната му е суспендирана за еден месец.

Во говорот пред последните општи избори во 2019 година, Ганди ги доведе во поврзаност премиерот Нрендра Моди и избеганите двајца индиски бизнисмени, сите тројца со презиме Моди, додека критикуваше дека на високо ниво во земјата се одвива корупција.

Ганди во четвртокот пред судот изјавил дека неговиот коментар не бил насочен против ниедна заедница. Неговата партија објави дека случајот против него го покренала „кукавичката и диктаторска“ влада на BJP, бидејќи ги „разоткри нивните мрачни дела“.

Некогаш доминантната Конгресна партија на Рахул Ганди денес контролира помалку од 10 отсто од мандатите во долниот дом на индискиот парламент и претрпе тежок пораз од BJP на последните два парламентарни избори.

Нарендра Моди и натаму е најпопуларниот индиски политичар и се очекува дека по третпат ќе победи на следните општи избори следната 2024 година.