За Кремљ истекувањето на документите на Пентагон е „интересно“, и очекува да биде обвинета Русија

Документите на Пентагон кои се однесуваат на војната во Украина а се најдоа на интернет се „многу интересни“, рече во понеделникот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека постои тенденција за сѐ секогаш да се обвинува Русија.

Документите, чијашто автентичност сѐ уште не е потврдена, се однесуваат главно на ситуацијата околу војната во Украина, со процени за вооружувањето, расположението во поедини земји сојузници на САД, за загубите…., а се датирани од крајот на февруари и почетокот на март кога биле правени планови како да се подготви и зајакне украинската армија за најавената противофанзива.

Во Москва во врска со овој случај и натаму се резервирани и, се чини, дека руската страна ја проценува автентичноста и доверливоста на податоците во истечените документи како можно подметнување од страна на САД и НАТО.

Американски функционери за Reuters рекле дека истрагата којашто сѐ уште е во раната фаза не исклучува можност дека проруски елементи се поврзани со истекувањето на документите, што се смета за најсериозниот безбедносен пропуст од 2013 година кога на WikiLeaks беа објавени повеќе од 700.000 доверливи воени, разузнавачки и дипломатски документи од САД.

Американската безбедносна и разузнавачка заедница се соочува со последиците од протекувањето на десетиците тајни документи и со влијанието на размената на чувствителните информации во самата администрација, како и во односите со сојузничките земји бидејќи открива и разузнавачки активности кон нив.

Некои безбедносни експерти и американски функционери за медиумите изјавуваат дека виновникот би можел да биде незадоволен американски државјанин или група, имајќи го предвид обемот на темите опфатен во документите, но не ја исклучуваат можноста тоа да го сториле проруски актери.

Поранешен офицер на американската Централна разузнавачка агенција (CIA) рекол дека е „многу веројатно“ Москва да го оркестрирала истекувањето за да предизвика збрка и потенцијални поделби меѓу Вашингтон и неговите сојузници.

Портпаролот на Кремљ во текот на редовниот брифинг со странските новинари истекувањето на американските документи го опишал како „доста интересно“, и потврдил дека „се проучуваат и анализираат“.

Истовремено ги коментирал и тврдењата дека Русија стои зад истекувањето.

„Не можам тоа да го коментирам на ниеден начин. И јас и вие знаеме дека всушност постои тенденција за сѐ секогаш да биде обвинувана Русија. Тоа е, генерално, болест“, рекол.

Запрашан за наводите дека Вашингтон го шпионирал украинскиот претседател Володомир Зеленски, Песков рекол дека тоа не може да биде исклучено.

„Но фактот дека Соединетите држави веќе подолго време шпионираат разни шефови на држави и влади, особено во европските престолнини, се појави повеќепати, предизвикувајќи разни скандалозни ситуација“, рекол Песков.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.