За Лепен брегзитот е почеток на исчезнувањето на ЕУ

EPA/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Челничката на француското движење Народно обединување, поранешната крајна десна партија Национален фронт, Марин Лепен оцени дека излегувањето на Велика Британија од Европската унија претставува почеток на формирањето заедница на независни европски држави.

„Денот на брегзитот треба да го означи почетокот на изградбата на Европската алијанса на независни нации, на што ние повикуваме и што го посакуваат огромното мнозинство Европејци. Европската унија ќе остане во историјата како голем неуспех“, напиша Лепен на Twitter.

Претходно францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека наскоро ќе отпатува во Велика Британија за да ги зајакне билатералните односи меѓу Париз и Лондон по брегзитот. Францускиот челник истакна дека односите меѓу Франција и Велика Британија и натаму ќе бидат тесни.

Обединетото Кралство во петокот на полноќ официјално престана да биде членка на Европската унија, три и пол години по референдумот на кој на 23-ти јуни 2016 Британците со речиси 52 отсто се изјаснија за раздружување со Унијата. По брегзитот, започнува преодниот период кој ќе трае до крајот на 2020 година, во текот на кој Лондон ќе мора да постигне спогодиби со другите земји за форамтот на соработката во сите области, вклучително и за нови односи со ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.