За Ливерпул англиското дерби против Манчестер Јунајтед, нов клупски рекорд

Фудбалерите на Ливерпул во најголемото дерби на англискиот фудбал на својот „Енфилд“ во неделата со 2:0 го совладаа Манчестер Јунајтед и сега имаат дури 16 бодови предност на врвот на табелата.

Ливерпул поведе многу рано, веќе во 14 минута кога Вирџил ван Дијк ја натскока противничката одбрана и со глава ја испрати топката во мрежата на Манчестер Јунајтед. Во 25 минута, главниот арбитер Крег Поулсон, по прегледот на ВАР-от го поништи голот на „Редсите“ кој го постигна Роберто Фирмињо.

Конечниот 2:0 ги постави Мохамед Салах во третата минута од судиското продолжение од контранапад, кога голманот Алисон испрати долга топка на половината на противникот, до која прв стаса Салах и со силен удар го совлада Де Хеа. Последниот пат кога голман на Ливерпул асистираше за погодок во Премиер лигата беше во март 2010 година кога додавање за гол во победата над Сандерленд од 3:0 имаше Пепе Рејна.

Ливерпул ја забелажа 150-та победа под водство на германскиот стратег Јирген Клоп, кој го презема тимот во октомври 2015 година. Во овој периодт „Редси“ под водство на Клоп беа победници во Лигата на шампионите ланската 2019-та, а играа и во финалето претходната 2018-та, а исто така беа победници и во Суперкупот на УЕФА и на Светското клупско првенство.

Истовремено Ливерпул ја продолжи низата без пораз на 22 натпревари, од кои 21 победа и едно реми, со што го постави клупскиот рекорд на средби без пораз во една сезона. Претходното најдобро остварување на Ливерпул во овој сегмент е во далечната сезона 1933/1934 година од 21 меч.

Клубот од црвената половина на Ливерпул и натаму е на врвот од Премиерлигата со 64 бодови, со меч помалку од второпласираниот Манчестер Сити со 48 и Лестер Сити со 45 бодови. Манчестер Јунјатед, пак, остана на петтата позиција со 34 бодови.

Лестер Сити се чини го губи здивот во борбата за втората позиција, откако претходно во неделата со 1:2 беше поразен на кај Барнли, иако поведе во 33 минута преку Харви Барнс. Во вториот дел Крис Вуд во 56 и Ешли Вествуд во 79 минута направија пресврт. Претходно при резултат 1:1, најдобриот стрелец на Лестер, Џејмс Варди во 68 минута не реализираше пенал. Барнли со новите три бода скокна на 14-ти место со 27 бодови.