За Макрон Европа нема да биде поважна од францускиот народ

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во четвртокот дека никогаш нема да ја става Европската унија пред барањата на францускиот народ, неколку дена откако попушти пред масовните и насилни протести против неговите политики, најавувајќи скапи мерки коишто ќе го зголемат францускиот буџетски дефицит.

„Ниедна земја не може да напредува, доколку не го послуша легитимниот гнев на својот народ, гнев кој се изразува насекаде во Европа“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон за новинарите пред почетокот на самитот на Европската унија во Брисел.

„Никогаш нема да спроведува европски проект, во кој верувам, против барањата коишто ги сметам за легитимни. Мислам дека тоа може да се помири и тоа се обидуваме да го сториме“, додаде.

Даночните олеснувања и други мерки коишто ги понуди за да ги смири упорните демонстранти, веројатно ќе го зголемат францускиот буџетски дефиците над дозволените 3 отсто од бруто домашниот производ (БДП).