За многумина парадокс, за Заев одлична одлука: Социологот Царовска станува вицепремиерка за економски прашања

Извршниот и Централниот одбор на СДСМ вчера вечерта донесоа одлуки за кадровски решенија со кои оваа партија ќе партиципира во преодната влада.

Но, она што изненади многумина е новата функција на досегашната министерка за труд и социјална политика.

Мила Царовска, која по сила на закон ќе се повлече од министерка, ќе го заземе местото на вицепремиер за економски прашања и координација на економските ресори во Владата, со оглед на најавеното повлекување на Кочо Анѓушев.

Тоа што министерката сега ќе биде вицепремиерка во техничката влада, според многумина е голем парадокс, бидејќи таа е социолог и нема никаква поврзаност со економијата.

Царовска, како што може да се види во нејзината биографија, дипломирала на Филозофскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Институтот за социјална работа и социјална политика.

Но, премиерот во заминување Зоран Заев не гледа никаков проблем во тоа. Тој, дури и вели дека верува во именувањето на Царовска на местото на Анѓушев.

-Верувам дека менаџментот на, веќе искусната Мила Царовска, во овој сектор и тоа како може да биде успешен. Верувам дека тој ресор, како потпретседател на Владата за економски прашања ќе продолжи успешно да го движи, за да имаме уште поуспешни економски политики, од оние кои ги имаме денес, изјави Заев во интервју за Дојче веле.