За Монако само бод во дуелот со Ним

Фудбалерите на Монако ја продолжија во петокот вечерта низата неуспеси и во шестото коло од француското првенство откако на свој терен одиграа само 1:1 против Ним.

Антони Бриансон ги доведе гостите во водство во 19 минута, кога од шест метри ја закова топката во мрежата на Монако, откако Антонен Бибишон изненади со одличен слободен удар. Колумбискиот напаѓач Радемел Фалкао израмни веќе во 27 минута со приземен удар во долниот десен агол од 25 метри. Но прекрасниот погодок не го помати впечатокот за неговата слаба форма, бидејќи порпушти низа шанси.

Во второто полувреме Бриансон повторно имаше шанса да го доведе Ним во водство, пред гостите да бидат принудени целосно да се затворат во финишот пред налетите на Монако чии играчи пропуштија неколку убави прилики.

Монако, кој минатото првенство го заврши на второто место, во поментов е на 12-то место со шест бодови, додека Ним е седми со осум бодови. Актуелниот шампион Пари Сен Жермен досега има максимален учинок и е прв со 15 бодови.

Во ова коло се играат уште и натпреварите: Сен Етјен – Каен, ЛОСК –Нант, Анжер – Тулуз, Монпелје – Ница, Стразбур – Амјен, Рем – Дижон, Ренс – ПСЖ, Гинган – Бордо, Лион – Марсеј.