За околу 30 отсто е зголемено насилството врз жените годинава

За околу 30 отсто е зголемено насилството врз жените годинава во споредба со истиот период во 2019 година, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче по повод 25 ноември, Меѓународен ден за борба против насилство врз жените.

– Очигледно е дека стресот го прави своето, дека ова што треба да сме на некој начин на физичка дистанца, што е сосем спротивно на тоа што е еволуцијата на човештвото нè учи, а тоа е заедништвото, и изолацијата за време на долгите карантини, според резултатите од Клиниката за психијатрија, резултираа со зголемен број случаи на семејно насилство – рече Филипче.

Тој додаде дека на Клиниката за психијатрија секојдневно се регистрираат случаи на семејно насилство, а нејзината онлајн амбуланта е преоптоварена со повици и тоа трае од март кога почна кризата.

– Колегите се силно посветени на ова прашање, ги решаваат проблемите и ги зголемуваат тимовите кои излегуваат во пресрет на жртвите на насилство – потенцираше Филипче и додаде дека претходно, пред ковид-19 кризата се отворија три центри за третман на жртви на насилство во гинеколошко-акушерската клиника, во болницата во Тетово и болницата во Куманово. Тоа се центри што се целосно опремени од медицински аспект. Работат тимови од гинеколози, психолози, социјални работници, кои се на повик 24 часа и експерти од областа на судската медицина.

Според него, треба многу вештина во пристапот, во разговорот, во отвореноста, затоа што во огромен број случаи сè уште, за жал, постои страв.

– Ова е процес што планираме да го продолжиме. Оваа криза одложи проекти, планови, меѓутоа секако планираме такви центри да има посебно во големите болници ширум државата. Жените знаат каде може да се обратат, сигурни се дека може да добијат соодветна стручна помош, а ние сите заедно да работиме на подигнување на свеста, заедно институциите, медиумите, граѓанските организации се со цел вакви случаи да има сѐ помалку – додаде Филипче.