За основни месечни потреби на просечнo семејство не се доволни две минимални плати

55

Две минимални плати не се доволни за да ги покријат основните месечни трошоци на едно четиричлено семејство. Последните пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека во ноември висината на минималната кошница изнесува 33.742 денари што е за 3.874 денари повеќе во однос на две минимални плати.

Најмногу пари се трошат за храна и пијалоци, како и за плаќање режиски трошоци. Така, на едно семејство од четири члена, кое живее во дом од 50 метри квадратни и не поседува автомобил, потребни му се 14.149 денари за основни потреби за храна и пијалоци, а 8.547 денари само за подмирување на комуналните трошоци. За лична хигиена и за хигиена на домот, минималните трошоци изнесуваат 2.375 денари.

Пресметките покажуваат дека синдикалната минимална кошница од месец во месец расне што значи дека се зголемуваат трошоците на живот на работниците. Така, во однос на октомври синдикалната кошничка е зголемена за 38 денари, а во однос на септември за 121 денар. Од почетокот на годинава до ноември скоро за илјада денари се зголемени основните месечни трошоци, односно ако во јануари на едно четиричлено семејство му биле потребни 32.791 денар, веќе во ноември за подмирување на основните потреби му биле потребни 951 денар повеќе.

Од друга страна, вредноста на кошницата во ноември годинава во однос на првата пресметана и објавена вредност на минималната кошница во декември 2010 година, е повисока за 4.543 денари.

– Вредноста на синдикалната минимална кошничка која ја пресметува ССМ најдиректно покажува дека минималната плата не е доволна ниту само за храна и пијалоци, знаејќи дека најголем број на работдавачи кои исплаќаат плата во висина на минималната плата, не исплаќаат додатоци и надоместоци на плата, туку истите ги пресметуваат во висина на минималната плата на работниците, што е незаконски. Меѓутоа, исхраната и пијалоците не се единствениот трошок за нормално функционирање на едно семејство, а пресметките покажуваат дека ниту две минимални плати не се доволни за да ја покријат синдикалната минимална кошница која изнесува 33.742 денари во ноември 2020 година, велат од ССМ во изјава за МИА.

Оттаму посочуваат дека во континуитет се залагаат и бараат зголемување на минималната плата со цел подобрување на стандардот на работниците со најниски плати и на нивните семејства.

– Синдикалната минимална кошница ја изработуваме за оние што говорат дека не треба покачување на минималната плата за да им биде појасно дека со минимална плата работникот заработува само за леб и вода, истакнуваат од ССМ.

Ново усогласување на минималната плата се очекува во март врз основа на мислење на Економско-социјалниот совет во кој членуваат претставници на Владата, синдикатите и работодавачите.

Од 2012 година кога првпат беше исплатена минимална плата во износ од 8.050 денари досега, таа е зголемена за 6.884 денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.