За ПАП на грло на матка се издвоени за 2,4 милиони денари помалку отколку во 2018

Денеска, на 4 февруари, се одбележува Светскиот ден за борба против карциномите. Мотото на кампањата оваа година е „Да создадеме иднина без карциноми. Времето да се делува е сега.“

Од 2012 до 2018 година во Македонија умреле 269 жени од рак на грло на матка, а во 2020 година за Програмата за скрининг државата одвојува 2,4 милиони денари помалку за разлика од 2018 година, соопштуваат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ. Додаваат дека, преку редовни гинеколошки прегледи со ПАП тест, ракот на грлото на матката може навремено да се открие и во потполност да се излекува и да се создаде иднина без карцином на грлото на матката.

Министерството за здравство секоја година усвојува и спроведува Програма за скрининг на карцином на грло на матка, преку која жените на возраст од 24 до 60 години треба да направат бесплатен ПАП тест на секои три години. Скрининг програмата се смета за успешна доколку со истата се опфатат најмалку 75% од жените на дадената возраст.

Во 2018 година преку Програмата за скрининг на преглед биле поканети 52.577 жени (9,6% од целната популација), додека ПАП тест направиле 43.103 жени (7,9% од целната популација). Иако во 2018 година се опфатени двојно повеќе жени за разлика од 2012[1] година, сепак опфатот е далеку под потребниот опфат на 75% од жените од целната популација.

Нискиот опфат на жени со Програмата за скрининг на карцином на грло на матка се должи пред се на нискиот буџет. За Програмата за 2020 година Министерството издвојува 7.670.000 денари и планира да опфати само 21.000 жени. Загрижува податокот што буџетот за Програмата за 2020 година е за 2,4 милиони денари помал од буџетот за Програмата за 2018 година (кога изнесувал 10.080.000 денари). Со ваквиот начин на планирање Министерството обезбедува средства за опфат на само околу 11% од целната популација.

За да се зголеми опфатот на жените со Програмата за скрининг на ракот на грлото на матката Министерството за здравство за треба да обезбеди 54.383.186 денари[2] на годишно ниво за да овозможи опфат на 80% од жените на возраст од 24 до 60 години.

Дополнителен проблем е недоволниот број на матични гинеколози, односно недостасуваат 158 матични гинеколози во Примарната здравствена заштита. Следствено на тоа над 50% од жените немаат избрано матичен гинеколог и не можат да бидат покриени со Програмата за скрининг. Исто така сите матични гинеколози не се вклучени во спроведувањето на Програмата за скрининг.

За да се зголеми опфатот на жените со Програмата за скрининг на ракот на грлото на матката потребно е во процесот на земање на ПАП брис да се вклучат и останати здравствени установи, како што се општите и клиничките болници, како и специјалистите по семејна медицина во примарната здравствена заштита. На овој начин ќе се надмине пречката за спроведување на Програмата која резултира од недоволниот број на матични гинеколози.

Години наназад и Министерството за здравство и Фондот паралелно предвидуваат превентивни активности за рано откривање на ракот на грлото на матката, преку гинеколошки преглед со ПАП тест, без меѓусебна комуникација и координација.

За да се зголеми опфатот на жените со Програмата за скрининг на ракот на грлото на матката потребно е да се воспостави една национална програма за скрининг на ракот на грлото на матката, каде што прецизно ќе се дефинираат критериумите и одговорностите на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.

Воедно ги информираме сите жени на возраст од 24 до 60 години дека имаат право на бесплатен гинеколошки преглед со ПАП тест, еднаш на секои три години и ги повикуваме да го искористат ова право, со цел да го подобрат сопственото здравје, информираат од ЕСЕ.