11.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

За парламентарните избори во Бугарија за гласање во Македонија се пријавиле „едвај“ 328 (македонски) Бугари

Изненадувачки е колку малку се оние кои сакаат да гласаат во останатите балкански држави. Во С.Македонија, со која обостраните односи се затегнати поради историските прашања, се пријавиле едвај 328 луѓе (помалку од далечна Австралија каде се пријавиле 422). Од Србија стигнале само 172 пријави, а од Романија 58.

Ова го пишува бугарскиот портал Сега.бг врз основа на официјалните податоци објавени на веб-страната на бугарската Централна изборна комисија.

Синоќа на полноќ истече рокот за пријавување на бугарските државјани од странство, кои сакаат да учествуваат на парламентарните избори во Бугарија, што ќе се одржат на 4 април.

Сајтот забележува дека годинава се пријавиле рекорден број Бугари од странство за учество на изборите. Според официјалните податоци од еден час пред истекот на крајниот рок за пријавување, во странство ќе гласаат 87.216 бугарски државјани, што е речиси двојно повеќе од последните парламентарни избори кога биле пријавени 45.071 лице.

Но, порталот забележува дека годинава може да се очекуваат дури 200.000 гласови од странство, што може да има големо влијание на изборните резултати. Зашто, во 2017 година гласале 117.688 бугарски државјани, односно трипати повеќе од поднесените пријави за гласање.

Дали нешто слично ќе се случи и со (македонските) Бугари, останува да се види. Иако пријавениот број е речиси минимален во однос на бројките, што бугарските политичари ги користат за бројот на македонски Бугари и македонски граѓани, кои имаат бугарско државјанство и пасоши. Според нив, таа бројка изнесува над 100.000 лица, а во постапка за добивање бугарско државјанство и пасоши се над 70.000.

Покрај пријавувањето за гласање во Македонија, македонските Бугари и македонските граѓани, кои имаат бугарско државјанство и пасоши, имаат можност да патуваат во Бугарија и на денот на изборите да гласаат на регистрираните избирачки места. Огромен број од нив се пријавени на една или на непостоечки адреси, а во Ќустендил, на пример, како адреса на живеење е регистрирана обична стара трафостаница. Но, досегашната пракса покажува дека нивниот одѕив е исклучително мал. Ако кон ова се додадат и условите за патување и присутната пандемија, тешко е да се очекува дека одѕивот од Македонија за претстојните парламентарни избори во Бугарија ќе биде голем.