За пет години пратениците потрошиле речиси 3 милиони евра за патни трошоци

Околу 3 милиони евра се потрошени за патни трошоци за пратениците. Извештајот од анализата на овие трошоци за периодот од 2015 до 2019 година, што денеска Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) го презентираше, покажува дека вкупниот трошок за петте години изнесува 2.895.605 евра.

Членот на ДКСК Катица Николовска образложувајќи ја анализата рече дека се гледа тенденција на намалување на трошоците за превоз, со тоа што во 2015 година исплатените надоместоци на пратениците од Собранието за користење на автомобил се 770.883 евра, во 2016 – 698.797 евра, 2017 – 512.000, 2018 – 522.930 евра и 2019 година – 390.993 евра.

ДКСК констатира и дека во анализираниот период, 23 пратеници имаат сопствени станови или станови на име на членови од нивното потесно семејство кои се лоцирани во Скопје, а и покрај тоа тие пратеници примале надоместоци за користење автомобил за доаѓање и враќање на работа, односно за патување до Скопје и назад.

Николовска додаде дека висината на надоместот на закупнина на стан за пратениците изнесува 400 евра месечен бруто износ, а надоместот следува врз основа на писмено барање кое содржи лична изјава заверена кај нотар дека барателот нема во сопственост или под закуп стан или куќа, во површина најмалку од 80 метри квадратни во Скопје.

-Не е јасно на кој начин е утврдено дека помала површина од 80 метри квадратни е услов за да може пратеникот да оствари право на стан под закуп. Дали тоа значи дека ако еден пратеник има два стана од по 75 метри квадратни, пратеникот исто така може да користи стан под закуп. Исто така, со одлуката не е утврдено правото на максимална квадратура за изнајмување во зависност од тоа дали пратеникот живее сам или со семејство. Од договорите за закуп кои ни беа доставени видно е дека за различна квадратура се плаќа ист износ, на пример без разлика на местото, на локацијата и површината на станот, сите подеднакво земаат по 400 евра надомест, плус 100 евра надомест за режиски трошоци, вели Николовска.

За намалување на патните трошоци на пратениците ДКСК предлага натамошно регулирање на оваа проблематика во смисла на консолидирање на законската и подзаконската регулатива и нејзино усогласување со реалните можности на државата и потребите на пратениците утврдување на прецизни критериуми за користење на правата на надоместоци на пратениците по сите основи, а сето тоа да биде поткрепено со методологија со која јасно и недвосмислено ќе се утврди правото, видот и видот на надоместоците кои пратениците можат да ги користат по сите основи.