За православните христијански верници почна божикниот пост

За православните христијански верници кои се водат според јулијанскиот календар денеска почнува шестнеделниот божикен пост. Постот ќе трае 40 дена, односно до Божиќ, 7 јануари, денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божиќ не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.

Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и во молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник.

Божиќниот пост е втор по должината на траење, веднаш по велигденскиот. Во однос на „строгоста“ за употреба на храна, божиќниот пост е „поблаг“, бидејќи дозволува користење на вино, масло за јадење и на риба.

Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсната храна, туку и од лошите мисли, зборови и дела. За време на божиќниот пост, посни се и сите славски трпези.

Со Канонот на Православната црква се предвидени еднодневни и повеќедневни пости. Еднодневните пости се во среда и петок, Водокрст на 18 јануари, Отсекувањето на главата на св. Јован Крстител на 11 септември и Крстовден на 27 септември.

Повеќедневни пости се велигденските, петровденските, богородичните и божиќните пости. Божиќниот пост, како и останатите повеќедневни постови, датираат од првите векови на христијанството и се споменува во делата на светите отци од 4 и 5 век.

Првобитно постот траел седум дена, а одлуката христијаните пред празникот на Раѓањето Христово да постат 40 дена е донесена на Соборот во Цариград во 1166 година.