За предлог-мерките за невакцинираните ќе се одлучува на наредната владина седница

Мерките кои се однесуваат на вакцинација против Covid-19, предлог на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, се одложени за наредната владина седница, соопшти во вторникот попладнето Министерството за здравство.

Согласно предлог-мерките, сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите институции за одење на работно место треба да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат PCR негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок.

Оние кои го прележале вирусот ќе приложат потврда за прележан Covid-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист. Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките треба да стапат во сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои се уште не се вакцинирале.

На владината седница требаше да се разговара и за барањата на синдикатите за два платени слободни дена по вакцинацијата и PCR тестирањето за оние кои не сакаат да се вакцинираат, да биде на трошок на работодавачот.

Синдикатите во понеделникот а средба со министерот за здравство Венко Филипче побараа да биде продолжен на 15 дена и рокот кога ќе почнат да важат мерките, наместо 10 дена како што предлага Комисијата за заразни болести

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.